Додека инвеститори ширум светот со вознемиреност ги гледаат стотиците милијарди долари што се вложуваат во вештачката интелигенција, токму она што сите се плашат се случи во Кина. Технолошкиот меур таму не само што почна да се издишува, туку веќе пукна, објавија Ројтерс и Футуризам.
За помалку од четири месеци, берзанскиот индекс STAR50, кој ги вклучува водечките производители на чипови и компаниите за вештачка интелигенција во Кина, падна за дури 40 проценти. Неверојатни 480 милијарди долари пазарна вредност беа збришани од берзата практично преку ноќ, а поширокиот индекс на највредните компании во Кина падна за околу 20 проценти од своите јунски максимуми.
– Берзанскиот пазар се претвори во диви шпекулации. А сега го гледаме како пука тој меур – изјави за Ројтерс Донг Баожен, менаџер на инвестициски фонд со седиште во Пекинг.
Овој ненадеен пад е особено болен бидејќи акциите поврзани со вештачката интелигенција сочинуваа дури 42 проценти од вкупната вредност на кинескиот пазар, а учествуваа со повеќе од половина од целиот промет на берзата. За разлика од западните пазари , каде доминираат големи пензиски и инвестициски фондови, во Кина огромен дел го сочинуваат мали, обични граѓани кои веруваа во ветувањата за технолошки бум и ги инвестираа своите заштеди.
Еден од најновите примери е производителот на роботи Unitree. Интересот на граѓаните да ги купат неговите акции на дебито на берзата во август беше неверојатни 8.000 пати поголем од понудата. Денес, само неколку месеци подоцна, вредноста на истите тие акции се преполови.
Производителите на чипови исто така минуваат низ слична ситуација. Акциите на CXMT изгубија повеќе од една четвртина од својата вредност за само еден месец, додека MetaX и Moore Threads, кои скокнаа за 700 проценти откако се појавија на берзата минатата година, изгубија половина од својата вредност од јули. Производителите на оптички компоненти за центри за податоци, како што е Zhongji Innolight, паднаа за дури 60 проценти.
За разлика од американскиот технолошки индекс Nasdaq, кој падна само за 6 проценти од својот неодамнешен максимум, кинеските компании се соочија со специфични проблеми. Американските власти сè повеќе ја затвораат вратата за кинескиот хардвер и подготвуваат забрани за употреба на нивните компоненти во западните центри за податоци, прекинувајќи го пристапот на кинеските играчи до најбогатите клиенти.
– Преголемото нагласување на технологијата доведе до сериозно нарушување на пазарот. Огромен меур се формираше во еден сектор, додека парите беа целосно исцицани од сите други гранки на економијата – објаснува Лео Ванг, партнер во Qianchuang Capital со седиште во Пекинг.
Чен Веншенг, мал бизнисмен од јужна Кина, рече дека влегол на берзата убеден дека државата и нејзините фондови стојат зад тоа. Денес, тој и неговите пријатели само ги собираат своите загуби и ги префрлаат преостанатите пари во безбедни обврзници и во злато, разочарани што проектот спонзориран од Пекинг заврши со целосен колапс.
Многу економски експерти предупредуваат дека кинескиот крах не е изолиран случај, туку јасен сигнал за тоа што ги очекува западните берзи. Имено, фундаменталниот проблем е потполно ист на двете страни од светот: компаниите инвестираат огромни суми пари во опрема и сервери, додека реалната побарувачка и профит од производите на вештачката интелигенција сè уште не постојат.
Обемот на нефинансираните трошоци е видлив и во Америка. Една од водечките светски лаборатории за вештачка интелигенција, Антопик, неодамна призна загуби од дури 80 милијарди долари во своите IPO пријави, со планови да потроши уште 1 трилион долари за центри за податоци во следните 10 години. Ваквите астрономски бројки го отежнуваат сè повеќе криењето на фактот дека дури и најголемите играчи на пазарот немаат идеја како да го направат бизнисот профитабилен.
– Сите производители на чипови и добавувачи на опрема за вештачка интелигенција на крајот ќе завршат во ценовна војна и стеснување на маржите. Нема исклучоци. Секој меур на берзата на крајот мора да пукне – заклучи кинескиот фонд менаџер Ванг Жуо.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
