Јавното обвинителство ги оцени како целосно неприфатливи предлозите на одбраната за сослушување на сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов и на неговиот син Михајло Јованов во судскиот процес против деветмината полициски службеници кои се обвинети за пропусти при проверките и издавањето согласности за угостителскиот објект.
Јавната обвинителка Спасенка Андонова на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје, по презентирањето на обемните доказни листи од страна на одбраната, посочи дека предложените сведоци немаат никаква допирна точка со суштината на обвинението.
– За обвинителството ваквите предлози апсолутно се неприфатливи, прво немаат допирна точка со она што е предмет на обвинението, а околностите коишто одбраната ги наведе како причина зошто се предложени како сведоци, за обвинителството не се прифатливи – рече обвинителката Андонова, во изјава за медиумите по рочиштето.
На тврдењето на одбраната дека со овие сведочења ќе се докаже оти Дејан Јованов не добивал плата неколку месеци, обвинителката појасни дека фокусот на обвинителниот акт е многу поширок.
– Фокусот на обвинението не е само добивањето на плата на Дејан Јованов, туку цела низа на дејствија коишто биле преземени, односно недоволно преземени дејствија од страна на полициските службеници коишто довеле до непречено функционирање на правниот субјект, односно во тој временски период остварување на финансиски промет – изјави Андонова.
Судскиот процес против деветмината полициски службеници продолжува на 5 ноември.
На денешното рочиште, Обвинителството поединечно се произнесе и по останатите предлог-докази на одбраната: не се противеше на предлогот на Димче Аврамов за сослушување на Лидија Велковска, Благојче Спасов и Ѓорѓи Симоновски доколку нема писмен доказ за околностите за кои се повикани, како и на предлогот на Јане Трајчев за сослушување на Сашко Димитров и изведување на известувањето од Општина Кочани. Од друга страна, неприфатливи беа предлозите за економско-правно вештачење, сослушување на Александар Саздов, изведување на технички наод од Александар Јакимов и распит на Зоран Данилов.
Во однос на предложените докази на дел од обвинетите, Обвинителство рече дека веќе биле предложени и изведени од Обвинителството.
Одбраната, од друга страна, реагираше дека Судот треба да ги отфрли сите наводи од Обвинителството, истакнувајќи дека доказите се обезбедени и доставени селективно – само оние што се во насока на обвинението.
Судот информираше дека бидејќи сè уште не е доставен одговор по барањата на одбраната од страна на Внатрешна контрола и СВР Штип, ќе се направи напор тие да бидат обезбедени барем во електронска форма до следното рочиште, со цел судот да може да одлучи по однос на предложените докази.
На минатото рочиште, одбраната предложи изведување на повеќе материјални докази и распит на сведоци, со цел да се утврди дали Дејан Јованов се стекнал со противправна имотна корист и дали имал контакти со обвинетиот Боби Гидиоски.
Судењето против деветтемина полициски службеници се однесува на наводни пропусти при проверките и издавањето согласности за угостителскиот објект „Пулс“. Обвинителството тврди дека обвинетите не ги извршиле целосно потребните проверки за исполнување на безбедносните и законските услови, со што му овозможиле на објектот да добие и да користи лиценца за работа. Тие се обвинети за Злоупотреба на службената положба и овластување, а претходно пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
