Background

Командир на општинска противпожарна единица потпиша договор од 153.500 евра со државата: со чија дозвола? ЈП Државни патишта и Општина Охрид мора да одговорат

Договорот за противпожарно обезбедување на тунелот Пресека отвора прашања на кои мора да одговорат директорот Коце Трајановски и Општина Охрид: како се стигна до него, дали бил дозволен и дали е воопшто важечки.


Договорот од 9.439.997,64 денари (околу 153.500 евра) за противпожарно возило и пожарникари на тунелот Пресека го потпишаа директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски и управителот на ДПД „Ентузијаст Охрид-Дебрца” Борко Јанкулоски. За содржината на договорот и за постапката 52/2026 пишавме во првиот текст: Скандал во ЈП Државни патишта, фатени со рачина во мед: 9,4 милиони денари за противпожарно обезбедување на тунелот Пресека одат кај здружение чиј управител е командир на ТППЕ Охрид. Овде ги поставуваме клучните тези што, по наша оценка, го прават договорот спорен и сомнителен, и ги бараме одговорите од оние што треба да ги дадат.

 Другата страна во договорот е јавен службеник

Јанкулоски, според информациите со кои располагаме, е командир на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Охрид. Таа единица не е самостојна фирма: во организацијата на Општина Охрид, ТППЕ е наведена како дел од општинската администрација. Тоа значи дека командирот е вработен во јавниот сектор, а неговата плата, според сè што знаеме, се исплаќа од јавни пари.

Потребна е согласност за втор ангажман

- Advertisement -
Ad image

Јанкулоски го потпишал договорот како управител на ДПД „Ентузијаст”. Тој или е вработен во здружението (макар и со скратено работно време), или е ангажиран со друг договор, или раководи без надомест. Ако станува збор за платено вршење друга дејност покрај јавната функција, правилата за вработените во јавниот сектор и Законот за работните односи бараат претходна согласност од работодавачот, во овој случај од Општина Охрид. По наши информации, таква согласност до моментот на потпишувањето не била издадена. Тоа го бараме да го потврди или демантира Општина Охрид, писмено, со број и датум на актот.

 Ако нема согласност, последиците се сериозни

Ако се покаже дека Јанкулоски вршел втор ангажман без одобрение, општината мора да постапи според Законот за работните односи и за вработените во јавниот сектор, што може да вклучува дисциплинска постапка, а во зависност од тежината и престанок на работниот однос. Затоа прашуваме што презеде и што ќе презема Општина Охрид?

 Сомневање за судир на интереси

Според Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, службеното лице не смее да се води од личен интерес, мора да ги пријави околностите што укажуваат на судир на интереси и да побара изземање (членови 3, 4, 72 и 75). Законот забранува и деловен однос на службено лице со правно лице што е негово или го основал тој или член на неговото семејство (член 51). Дали ДПД „Ентузијаст” спаѓа во оваа категорија зависи од тоа кој го основал здружението и кој го води, податок што се проверува во регистарот на здруженија и што ќе го провери Државната комисија. Договор склучен во состојба на судир на интереси е ништовен (член 66), но тоа мора да го утврди судот или надлежниот орган.

 Политичка припадност и јавна набавка

На профилот на Јанкулоски е објавена фотографија од Илинденската коњица, на која тој е во народна носија на коњ. Според податоците со кои располагаме, тој е член на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Членството во партија и учеството на јавни манифестации се законско право и сами по себе не се проблем.

Прашањето е друго: јавните набавки мора да се доделуваат исклучиво според законските критериуми, а не според политичка припадност или блискост. Затоа директорот Трајановски мора јасно да одговори дали при изборот на понудувачот имало какво било влијание, молба или препорака од политички структури. Ако немало, нека го докаже со целосна транспарентност на досието. Ние не тврдиме дека врска постои, но поради јавната положба на лицата, јавноста има право на одговор.

 Како се стигна до договорот

Фактите од постапката, колку што ги знаеме:

  • Во отворената постапка се јавиле само две понуди: на здружението и на „Дигитал” ДООЕЛ од Градошорци, фирмата што претходните три години го обезбедуваше Демир Капија.
  • Понудата на здружението изнесува 7.999.998 денари без ДДВ, односно два денари помалку од осум милиони.
  • Во документацијата има диплома за „пожарникар” на управителот и сертификат за „против пожарна заштита” на друго лице, додека тендерот бараше сертификат за универзална единица за заштита и спасување.
  • Договорот не наведува кои возила и кој персонал ќе се користат, ниту содржи изјава за судир на интереси.

Прашања и барања

До директорот на ЈП ДП, Коце Трајановски:

  1. Колку изнесувала проценетата вредност на набавката и врз која основа е утврдена?
  2. Каква била понудата на вториот понудувач и зошто била одбиена?
  3. Дали е проверена способноста на здружението, особено за возилата, кадарот и сертификатите?
  4. Дали пред склучувањето е утврдено дека управителот е вработен во јавниот сектор и дали е побарана изјава за судир на интереси?
  5. Дали при изборот имало какво било влијание, молба или препорака од политички структури или од други лица надвор од законските критериуми?
  6. Зошто договорот не е суспендиран до расчистување на фактите?

До Општина Охрид:

  1. Дали Јанкулоски е вработен во ТППЕ Охрид и на која позиција?
  2. Дали му е издадена согласност за дополнителен ангажман, од кого и кога?
  3. Дали општината знаела за договорот и која постапка поведе откако дозна?
  4. Како 24-часовното ангажирање на персонал на тунелот се усогласува со смените во ТППЕ, ако истиот кадар е вработен таму?

Одговор очекуваме писмено, во рок од пет работни дена. Во спротивно, ќе поднесеме барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, ќе се обратиме до Државната комисија за спречување на корупцијата и до Државниот завод за ревизија и ќе ги известиме читателите за секое молчење.

Ohridsky

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

✖

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

✖

Stop following

Unfollow Cancel

✖

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation

✖