Украинскиот претседател Володимир Зеленски го предупреди американскиот претседател Доналд Трамп да не прави дополнителни отстапки кон Москва, оценувајќи дека укинувањето на санкциите ќе му даде нова сила на рускиот претседател Владимир Путин. Во интервју за Си-ен-ен, Зеленски порача дека попуштањето кон Кремљ нема да придонесе за мир, туку може дополнително да ја зајакне руската позиција.
– Мојот став кон Путин е апсолутно јасен. Верувам дека ако ги укинеме санкциите, ќе го направиме и него посилен… Ова не е нешто лично меѓу мене и претседателот Трамп и, секако, сум против какво било укинување на санкциите – изјави Зеленски.
Неговата порака доаѓа во период на сериозно заладување на односите меѓу Вашингтон и Киев. Одлуката на Трамп да дозволи руски извоз на дизел-гориво и да ги ублажи санкциите кон Москва предизвика остри реакции во Украина, која стравува дека економските отстапки ќе му овозможат на Путин да ја зајакне својата позиција додека војната продолжува.
Зеленски претходно го обвини Трамп дека е „на погрешната страна од историјата“ по договорот за дизел-гориво со Русија. Украинскиот претседател смета дека ваквите потези испраќаат погрешен сигнал до Кремљ и создаваат ризик Москва да добие отстапки без соодветни чекори кон завршување на војната.
Дополнителна неизвесност предизвикаа и ограничувањата на сателитските комуникациски системи „Starlink“ и „Starshield“, кои се важни за украинските воени операции. Извештаите за намалувањето на брзината на системот предизвикаа загриженост во Киев, особено поради неговата улога во комуникациите и операциите со беспилотни летала.
Зеленски, сепак, оцени дека неговата средба во Осло со американскиот преговарач Стив Виткоф била продуктивна. Но, тој останува скептичен дека Путин навистина е подготвен за мир.
– Ако му дадете нешто на Путин, тој ќе бара сè – рече украинскиот претседател.
Тој додаде дека очекува сојузниците на Украина да не му дозволат на рускиот лидер да ја искористи дипломатската ситуација за дополнително зајакнување на својата позиција.
Пораката на Зеленски доаѓа во време кога Вашингтон се обидува да го придвижи процесот за завршување на војната, но се отвораат сè поголеми прашања за цената на можниот договор и за тоа какви отстапки би можеле да бидат побарани од Украина.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
