Европската Унија ги повика српските власти да ја прекинат практиката на доделување државјанство по забрзана или поедноставена постапка на граѓани од земји што претставуваат ризик од нелегална миграција или безбедносна закана за ЕУ, меѓу кои е и Русија.
Ова го изјави портпаролот на Европската комисија за Радио Слободна Европа (РСЕ), коментирајќи ја неодамнешната посета на српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, на Русија. Прашањето за доделување државјанство е во надлежност на Министерството за внатрешни работи на Србија.
Според портпаролот, Европската комисија е запознаена со официјалната посета на Дачиќ на Москва минатата недела, за време на која тој најави продолжување на интензивната соработка меѓу министерствата за внатрешни работи на двете земји.
Посетата се одржа само една недела пред вонредните парламентарни избори во Србија, закажани за 25 октомври.
Портпаролот на Европската комисија истакна дека ставот на Брисел кон партнерите, вклучително и кон земјите кандидати за членство во ЕУ, како што е Србија, отсекогаш бил јасен.
– Односите со Русија не можат да бидат нормални, ниту со режимот на Путин, ниту во сенка на неиспровоцираната и неоправдана војна на агресија на Русија против Украина – изјави портпаролот на ЕК.
Тој додаде дека Брисел сака да може да смета на Србија како на сигурен европски партнер во однос на заедничките принципи, вредности, безбедноста и просперитетот. Според него, Србија треба да ја убеди ЕУ во својата стратешка посветеност кон европскиот пат.
– Затоа, Србија треба, како приоритет, да ги засили напорите за постепено усогласување со ставовите на Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и со санкциите против Русија – рече портпаролот на Европската комисија.
Тој нагласи дека Србија треба да се воздржи и од постапки и изјави што се во спротивност со надворешнополитичките позиции на Европската Унија.
Преговорите за пристапување на Србија во ЕУ се во застој речиси пет години. Последниот кластер во преговорите за членство земјата го отвори во декември 2021 година, пренесе Бета.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
