Професионалните војници кои ќе наполнат 45 години повеќе нема да мора да ја напуштаат Армијата доколку сакаат да го продолжат работниот ангажман во нејзините редови.
Со одлука донесена денеска на владина седница, се отвора можност нивниот работен однос да се трансформира од определено на неопределено време, при што ќе добијат статус на цивилни лица, но ќе останат да работат во Армијата.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски најави дека со ова трајно се решава прашање кое со години ги засега професионалните војници.
Одлуката е усогласена со Армијата и со претставниците на војниците, а беше претставена на заедничка прес-конференција на министерот, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, и претставници на синдикалните здруженија во одбраната.
– Решението значи дека војниците конечно заслужено ќе можат да бидат задоволни и сигурни и по својата 45 година. Остануваат сите опции – отпремнина, трансфер во институциите, но со оваа реформа правиме можност секој војник да може да остане како цивилно лице во Армијата – изјави Мисајловски.
Тоа значи дека војниците ќе имаат дополнителен избор по навршувањето на старосната граница. Покрај досегашните можности да земат отпремнина или да преминат на работа во друга институција, ќе можат да останат во Армијата, но со поинаков работен статус.
Особено значајно е што, според информациите изнесени на прес-конференцијата, нивните месечни примања нема да се намалат. Основната плата и сите додатоци ќе останат исти, а пензионирањето ќе се одвива според постојните правила утврдени со колективните договори во Армијата.
Мисајловски појасни дека станува збор за целосно ново решение, кое не е дел од Колективниот договор. Преговорите за тој договор продолжуваат независно од денешната владина одлука.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, оцени дека станува збор за значаен исчекор, бидејќи статусот на професионалните војници по навршувањето 45 години останувал отворен повеќе од 15 години.
Тој објасни дека војниците кои ќе го трансформираат работниот однос ќе бидат ангажирани за обезбедување на воените објекти, касарните и имотот на Армијата. Со тоа, оваа задача ќе премине на персоналот што ќе биде распореден на новите работни места.
– Обврската околу обезбедување на гарнизоните и касарните и имотот на Армијата е на единиците, како терцијална дополнителна обврска на тие единици. Со ова предлог-решение обезбедувањето ќе биде обврска на единиците во кои ќе бидат распределени професионалните војници кои навршуваат 45 години – изјави Лафчиски.
Според началникот на Генералштабот, професионалните војници се најсоодветниот кадар за ваквите задачи поради нивното искуство, обученоста и познавањето на воените објекти.
Лафчиски изрази уверување дека нема подобар персонал за извршување на овие обврски од војниците што ќе одлучат да го продолжат работниот ангажман во Армијата како цивилни лица.
Според првичните проценки, околу 100 професионални војници би можеле да ја искористат новата можност веќе во 2027 година.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
