Претседателот на САД Доналд Трамп го стопираше спроведувањето на новиот пакет санкции против Русија, само два дена пред неговото стапување во сила. Со извршна наредба тој ги суспендираше и дополнителните царини од 100 отсто за најголемите купувачи на руска нафта и гас, како и царините од 500 отсто за стоки од Русија.
Москва ја поздрави одлуката, додека во Вашингтон следуваа остри критики.
Мерките се дел од законот што Трамп го потпиша на 18 септември, а кој требаше да го засили економскиот притисок врз Кремљ поради војната во Украина.
Наредбата предвидуваше дополнителни царини од 100 отсто за стоки од петте најголеми увозници на руска нафта и природен гас, доколку продолжат со нови набавки од 18 октомври. Истата стапка беше предвидена и за петте земји што најмногу ѝ помагаат на Москва да ги заобиколува нафтените санкции.
Дополнително, законот предвидува санкции против руски функционери, банки и енергетски компании, како и против танкерите од таканаречената руска флота во сенка, преку која Москва продолжува да извезува нафта.
Трамп, меѓутоа, реши да ја искористи законската можност за изземање од овие мерки.
„Му доставив на Конгресот потврда дека ваквото изземање во овој момент е во национален интерес на Соединетите Американски Држави“, се наведува во извршната наредба објавена од Белата куќа.
Во документот не се објаснува детално зошто суспендирањето на санкциите е во американски национален интерес. Изземањата ќе останат во сила додека претседателот или државниот секретар не одлучат дека е потребно поинакво постапување.
Одлуката веднаш предизвика задоволство во Москва.
Кирил Дмитриев, директорот на Рускиот фонд за директни инвестиции, ја поздрави одлуката на платформата Икс, нарекувајќи ја „важен и навистина историски момент“.
Тој порача дека економската соработка меѓу Русија и САД е во интерес на двете држави.
Но, во американскиот Конгрес реакциите беа сосема поинакви.
Демократската сенаторка Елизабет Ворен го оцени потегот како „мизерен и предвидлив неуспех на лидерството“, обвинувајќи го Трамп дека го поткопува притисокот врз Кремљ.
Конгресменот Дон Бејер ја нарече одлуката уште едно предавство на украинските партнери на Вашингтон.
Сенаторот Ричард Блументал, еден од авторите на законот, оцени дека изземањата немаат врска со американската национална безбедност, туку со желбата на Трамп да му угоди на рускиот претседател Владимир Путин.
Одлуката доаѓа во период на сериозно влошување на односите меѓу Вашингтон и Киев. Трамп сè поотворено го критикува украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека неговата администрација се обидува да ги намали цените на енергенсите пред изборите за Конгресот.
Вашингтон врши притисок врз Украина да ги запре нападите врз руските нафтени постројки. Истовремено, руските сили продолжуваат да ја напаѓаат украинската енергетска инфраструктура.
Минатата недела Трамп постигна и договор за овозможување извоз на руски дизел, што предизвика критики и меѓу републиканските сенатори. Тие предупредија дека приходите од руските енергенси можат да ја финансираат војната против Украина.
Дополнителни тензии предизвикаа ограничувањата на воената верзија на сателитската интернет-услуга „Старлинк“, како и украинските поплаки за недостиг од разузнавачки информации.
Зеленски изјави дека функционирањето на „Старлинк“ делумно се подобрило, но услугата сè уште не е целосно обновена.
Во меѓувреме, Европската Унија подготвува 22. пакет санкции против Русија, со порака дека економскиот притисок врз Москва ќе продолжи доколку Путин не ја запре војната.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
