Принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл се појавија заедно во Нотингем, во нивниот прв заеднички јавен настап по враќањето во Велика Британија. Двојката ги посети организациите што работат со млади луѓе и семејства, а пред нивното пристигнување се собраа поддржувачи кои сакаа да ги поздрават.
Меган изгледаше трогнато кога една жена ѝ подари голем букет цвеќе и ја прегрна. Други присутни рекле дека дошле за да им дадат поддршка и да им покажат дека има луѓе кои се на нивна страна.
– Убаво е повторно да се биде тука – рекла Меган, пишуваат медиумите.
Првата станица на двојката беше Community Recording Studio, добротворна организација што им помага на младите да се развиваат преку музика и креативни активности. Хари ја поддржува организацијата со години, а минатата година најави донација од 1,1 милион фунти за нејзината работа со млади луѓе погодени од насилство. За време на посетата, тој се сретна со младите учесници и соработниците на студиото.
Подоцна, Хари и Меган требаше да ја посетат и организацијата Himmah Hub, која се бори против сиромаштијата и недостигот од храна, како и Epic Partners, која им помага на децата и младите преку спортски активности, образование и менторство. Посетата на Himmah има посебно значење за Меган, која претходно поддржуваше добротворен готвачки проект на жени погодени од пожарот во кулата Гренфел во Лондон.
Инаку, Нотингем има посебно место во нивната заедничка историја. Во овој град во декември 2017 година го имаа првиот официјален заеднички настап, само неколку дена откако ја објавија свршувачката. Речиси девет години подоцна, повторно се враќаат во истиот град, но овојпат како војводата и војвотката од Сасекс, кои во 2020 година се повлекоа од должностите на активни членови на британското кралско семејство.
Хари и Меган се вратија да живеат во Англија во август, по шест години поминати во САД, заедно со нивните деца, седумгодишниот принц Арчи и петгодишната принцеза Лилибет. Нивната посета на Нотингем не е официјален кралски ангажман, бидејќи тие повеќе не ги извршуваат должностите во име на монархијата. Нивниот престој во Британија и натаму е проследен со прашања околу безбедноста и приватноста на семејството.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
