Десетици илјади студенти излегоа во средата на улиците на Тирана, запалија повеќе владини згради и две банки и жестоко се судрија со полицијата, на вториот ден од протестите против високите трошоци за образование и против корупцијата.
Демонстрантите бараат оставка од премиерот на Албанија, Еди Рама.
Протестите ескалираа вечерва, кога е запалена зградата на Министерството за правда, откако претходно демонстрантите ги искршиле прозорците на приземјето.
Денеска и средношколците им се придружија на демонстрантите и многумина ја бојкотираа наставата. За време на судирите со полицијата попладнево беше запалено приземјето на зградата на Министерството за образование, а пожар избувна и во Градското собрание.
Студентите прво фрлаа камења и други тврди предмети кон зградата на Министерството за образование во Тирана, оштетија тротоари и сообраќајни знаци, превртеа контејнери за отпад , а потоа влегоа во дворот и го запалија приземјето на зградата.
Пожарот ја зафати и филијалата на Рајфајзен банка и филијалата на финансиската институција „Иуте кредит“ во близина на Министерството за образование.
Полицијата употреби солзавец и водени топови за да ја растера толпата.
Протести се одржаа и пред седиштето на албанската влада, каде што избувнаа судири меѓу демонстрантите и полицијата. Толпата фрлаше камења и други предмети кон зградата на владата, а полициските сили и тука интервенираа со солзавец и со водени топови.
Запалени се и други згради вечерва во Тирана.
За време на протестот, полицијата, преку најави и социјални мрежи, ги повика граѓаните на воздржаност и мир, барајќи од нив „веднаш и јасно да се дистанцираат од лицата кои вршат насилство, палат имот и напаѓаат полицајци“.
„Полицијата бара ниту еден учесник да не биде дел или да поддржува насилни и деструктивни акти, ниту да дозволи собирот да се користи како покритие за такви активности“, соопшти полицијата.
Пратениците од Демократската партија, како и претставници на новите опозициски партии, исто така се придружија на протестите, кои досега немаат политичко водство.
Денешните протести се продолжение од вчерашните, кога за време на судирите меѓу демонстрантите и полицијата беа повредени десетици луѓе од двете страни, 16 лица беа уапсени, а покренати се 49 кривични постапки.
Се очекува протестите да продолжат, а средношколците најавуваат продолжување на бојкотот на наставата.
Ова се најнасилните протести против корупцијата во Тирана откако почнаа демонстрациите во мај. Ескалацијата на насилството следеше по месеци претежно мирни протести против Рама, кои беа поттикнати од плановите за изградба на луксузен туристички комплекс на недопрениот брег на јужна Албанија.
Незадоволството кај студентите се однесува на условите на универзитетите, високите трошоци за студирање, недостатокот на финансиска поддршка и тешкотиите во наоѓањето работа по дипломирањето.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
