Молитвена сала меѓу аптека и канцеларија за работна терапија, на периферијата на Техеран, наводно криела таен центар за планирање атентати и киднапирања. Поранешен командант на иранските специјални сили тврди дека лично присуствувал на состаноците во објектот наречен „Дакме“, што на ирански значи гробница или крипта.
Откритијата се дел од повеќемесечното истражување на Дојче веле, засновано на сведоштвата на двајца поранешни припадници на иранскиот безбедносен апарат. Новинарите провериле значаен дел од нивните тврдења преку документи, фотографии, видеоснимки и разговори со експерти.
Првиот сведок, претставен под псевдонимот Омид, служел со децении во елитните специјални сили. Неговиот вистински идентитет е заштитен поради опасноста од одмазда.
– Присуствував на состаноци во Дакме каде што се донесуваат одлуки за атентати. Тоа е машина за убивање – изјави Омид.
Тој тврди дека во објектот се собирале високи офицери од специјалните сили и разузнавањето, кои планирале тајни операции надвор од официјалните државни структури.
Објектот се наоѓа во Шахр-е Реј, на периферијата на иранската престолнина. Официјално се нарекува Беит ал Шохада, односно Дом на маченици.
Според Омид, тајните состаноци започнувале како религиозни церемонии во сала украсена со зелени завеси и верски знамиња.
По заедничката вечера останувале само членовите на внатрешниот круг. Сите морале да ги предадат мобилните телефони, кои се заклучувале на посебно место.
Потоа искусни припадници на специјалните сили и разузнавањето разговарале за атентати и киднапирања до доцна во ноќта.
– За овие луѓе, положбата на една личност не е особено важна. Ако сметаат дека некој е закана за врховниот лидер на Исламската Република, тоа го сфаќаат исклучително сериозно и дејствуваат – тврди Омид.
Тој навел повеќе случаи на убиства и киднапирања за кои верува дека биле планирани во Дакме.
Дојче веле не успеало независно да ги потврди тие обвинувања, иако утврдило дека некои од споменатите луѓе навистина починале под неразјаснети околности.
Ниту еден од консултираните експерти не можел да потврди дали центарот сè уште функционира.

Вториот сведок, претставен како Реза, работел во иранското Министерство за информации, односно во разузнавачката служба.
Двајцата поранешни припадници опишале и тајни командни центри од кои безбедносните служби ги следеле и задушувале протестите.
Големи екрани прикажувале снимки од надзорните камери во Техеран во реално време. Се користеле и беспилотни летала, прислушување и информации од социјалните мрежи.
Според Омид, агенти во цивилна облека се мешале со демонстрантите и понекогаш ги насочувале поворките кон места каде што веќе чекале безбедносните сили.
Претставник на врховниот лидер, тврди тој, имал големи овластувања да одлучува колку жестоко ќе се постапува против демонстрантите.
Реза проговорил откако бил сведок на репресиите, вклучително и на насилството врз луѓето што протестирале против економската криза и строгите верски правила.
– Години потрошив служејќи му на суров систем – изјави тој, објаснувајќи зошто решил да сведочи и покрај опасноста за семејството.
Омид опишал и како режимот ја обезбедувал лојалноста на елитните припадници.
Офицерите добивале финансиски привилегии, профитабилни деловни договори и станови во посебни комплекси со сопствени училишта, болници и џамии.
Но, според него, нивниот приватен живот бил под постојан надзор.
– Контрола, само контрола. Не можете само да одите на свадба или патување. Ви го одземаат пасошот, дури и одлучуваат во кои училишта можат да одат вашите деца – раскажува Омид.
Безбедносните служби ги проверувале и потенцијалните сопружници на офицерите. Омид тврди дека дури ни на сопругата не смеел да ѝ ја открие вистинската природа на својата работа.
Иранската амбасада во Берлин ги отфрлила обвинувањата и заклучоците од истражувањето. Канцеларијата на врховниот лидер не одговорила на барањето за коментар.
Дојче веле ги потврдило идентитетите на двајцата сведоци, но не можело да утврди дали Омид лично учествувал во насилни операции. Тој самиот негира дека пукал во демонстранти или дека издавал такви наредби, но признал дека бил сведок на нивното убивање.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
