Судскиот спор меѓу холивудската актерка Хали Бери и нејзиниот поранешен сопруг, францускиот актер Оливие Мартинез, доби нов пресврт. Мартинез во најновите судски документи тврди дека нивниот 13-годишен син Мачео сака лично да се обрати пред судија и да ја раскаже својата страна на приказната за наводниот инцидент поради кој неговата мајка е обвинета за физичко насилство.
– Треба да има можност да се слушне неговиот глас за она што го доживеал таа вечер – навел Мартинез во документите до кои дошол магазинот „Пипл“. Тој додава дека се плаши оти, доколку на момчето не му биде дозволено да зборува пред судот, тоа би можело да се обесхрабри во иднина да пријави проблеми или евентуално насилство.
Поранешниот сопруг на актерката тврди и дека Мачео се плаши дека никој нема да му поверува. Според неговите наводи, момчето и претходно им се жалело на терапевти за однесувањето на мајка му, но сметало дека неговите поплаки биле минимизирани или не биле сфатени сериозно.
Мартинез на почетокот на октомври побарал самостојно старателство над синот, обвинувајќи ја Бери дека го нападнала за време на инцидент на 26 септември. Според неговата верзија, таа го фатила момчето за вратот и го давела за време на расправија. Тој навел и дека имало други случаи на наводно насилно однесување во претходните години. Овие тврдења засега не се судски потврдени.
Хали Бери ги отфрла обвинувањата
Актерката категорично ги негира обвинувањата. Во судска изјава навела дека никогаш физички, емоционално или на кој било друг начин не го малтретирала својот син.
– Јас сум жртва на семејно насилство и им помагам на жртвите на семејно насилство. Не сум личност што врши насилство. Никогаш не би му наштетила на нашето дете – изјавила Бери.
Нејзината адвокатка Марина Бек ги оценила обвинувањата на Мартинез како неосновани и како обвинувања кои намерно доведуваат до заблуда. Таа нагласила дека актерката нема да се откаже од борбата за добросостојбата на синот.
Во спорот се вклучила и 18-годишната ќерка на Бери, Нала, која актерката ја има од врската со поранешниот партнер Габриел Обри. Во изјава пред судот, Нала застанала во одбрана на мајка си, опишувајќи ја како грижлив и посветен родител.
– Никогаш не сум видела мајка ми да го удира, да го дави, грубо да го зграпчува или на кој било начин физички да го малтретира Мачео – навела таа. Додала дека никогаш не била сведок на однесување што би наликувало на обвинувањата против нејзината мајка.
Бери и Мартинез се венчаа во 2013 година, а нивниот развод беше окончан во 2023 година, по долгогодишни несогласувања. Тогаш се договорија за заедничко старателство над синот. Сега судот повторно треба да одлучува за нивните родителски права, додека останува неизвесно дали Мачео навистина ќе сведочи.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
