МВР нема евиденција за заминувањето на македонската државјанка со бугарски пасош Ива Михаилова во Бугарија, каде што најави дека ќе побара лекарска помош, нејзиниот адвокат вели дека и самиот е затекнат од информациите што ги објавија бугарските медиуими, а некои политички партии побараа итна истрага за случајот, и евентуална одговорност, доколку има прекршување на судската забрана за напуштање на земјава.
На Ива Михаилова од Кочани, која е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици, со судска одлука и е одземен пасошот, како мерка за обезбедување. Според
Ангел Георгиев, претставник на бугарската партија „Преродба“, таа денеска ја поминала македонско-бугарската граница на неименуван премин и се наоѓа во Бугарија, каде побара лекување. Таа за бугарски мемдиуми изјави дека границата ја поминала самом со лична карта, но не наведе на кој граничен премин.
Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека нема евиденција дека Ива Михаилова ја напуштила Македонија, иако таа веќе се наоѓа во Бугарија. Бугарските медиуми објавија дека Михајлова ја преминала македонско-бугарската граница во придружба на бугарскиот адвокат Николај Димитров.
Според информациите објавени од „360 степени“, Михаилова била на стоп-листата на МВР, но во системот нема регистриран нејзин излез од државата. Во тек се проверки за да се утврди што точно се случило и како успеала да ја премине границата и да влезе во Бугарија. Засега нема јавно објаснување од македонските институции за тоа како била спроведена граничната контрола и дали имало пропуст во постапувањето.
Михајлова, од друга страна, тврди дека границата ја преминала легално, со лични документи и со знаење на граничните службеници. Во изјава за бугарската национална телевизија БНТ рече дека се чувствувала многу лошо, по што разговарала со адвокатот Димитров и заедно одлучиле да замине во Бугарија.
– Ја преминав границата со моите документи. Вчера се чувствував многу лошо. Разговарав со мојот адвокат и се договоривме – заедно одлучивме тој да дојде по мене и јас да се вратам во Бугарија. Ги предадов документите на проверка и нè пуштија. Поминавме низ контрола. Немаше ништо незаконско во моето преминување – изјави Михаилова.
Таа најави дека треба да биде примена на лекување во болницата „Пирогов“ во Софија, по што ќе следува рехабилитација. Засега не знае колку долго ќе остане во Бугарија, ниту дали ќе се врати во Македонија за да присуствува на судењето. Следното рочиште, според изјавите објавени во медиумите, е закажано за 9 ноември.
Бугарскиот адвокат Николај Димитров потврди дека на македонската граница Михаилова ја покажала македонската лична карта, а на бугарскиот премин ги приложила бугарските документи. Тој не откри преку кој граничен премин поминале, образложувајќи дека не сака да им создаде проблеми на луѓето што, според него, им помогнале. Димитров признава дека нивните постапки може да претставуваат прекршување на мерките определени со судската постапка, но тврди дека водечки мотив било правото на Михајлова да добие медицинска помош.
Во врска со заминувањето се огласи и бугарското Министерство за надворешни работи. Шефицата на дипломатијата Велислава Петрова-Чамова изјави дека министерството не било вклучено во организацијата на нејзиното заминување. Таа потсети дека бугарската страна претходно го покренувала прашањето за потребата Михајлова да добие медицински третман, а неодамна било договорено бугарски лекари да дојдат во Македонија и да ја проценат нејзината здравствена состојба.
Од македонското Министерство за надворешни работи претходно беше соопштено дека е дадена согласност бугарски медицински специјалисти да ја посетат земјата и да учествуваат во процената на нејзината здравствена состојба.
Рауфи: И јас сум затекнат, немавме дозвола од Судот
Македонскиот адвокат на Михаилова, Насер Рауфи, за „Вечер“ изјави дека и самиот бил изненаден од информацијата дека таа ја преминала границата и заминала во Бугарија.
– И јас сум затекнат. Утринава бев известен дека ја поминала границата, дозвола нема од Судот, само што сакавме да поднесеме ново барање бидејќи имаше најава од МНР дека ќе дошле лекари од Бугарија да ја прегледаат – изјави Рауфи.
Тој очекува судската постапка во Кочани да продолжи и без присуството на Михаилова. Според него, на следното рочиште треба да сведочи сообраќајниот вештак ангажиран од одбраната, кој треба да ја образложи експертизата во прилог на тврдењето дека Михајлова немала потреба да премине во спротивната лента. Рауфи претпоставува дека одлуката за заминување била донесена во договор со бугарскиот адвокат Николај Димитров.
Демократски сојуз бара итна истрага и одговорност
Демократскиот сојуз бара итна истрага за заминувањето на Михаилова во Бугарија и утврдување на одговорноста за сите што евентуално го овозможиле нејзиното заминување и преминување на границата. Партијата смета дека надлежните институции треба да дадат одговор како било можно лице за кое има судски мерки и кое, според објавените информации, било на стоп-листата на МВР, да ја напушти државата без во системот да остане евиденција за излез.
Од Демократскиот сојуз бараат МВР, Царинската управа и Јавното обвинителство да ги проверат сите околности, вклучително и евентуалните пропусти на службените лица. Посебно прашање е дали некој ѝ помогнал на Михајлова да ја премине границата и дали имало постапување спротивно на утврдените правила.
„Особено загрижува што бегството се случило во моментот кога беше прифатена можноста нејзината здравствена состојба да биде проценета и од бугарски лекари. Ова отвора сомнежи дали целта била да се избегне независна медицинска процена, која можеше да даде одговор на прашањето дали нејзината состојба навистина била животозагрозувачка и дали претходните судски одлуки биле оправдани.
Мора да се испита и улогата на адвокатот, вклучително и неговите наводи за постоење помагачи, како и да се утврди како Михаилова успеала да побегне и покрај мерките за ограничување на движењето и одземените бугарски и македонски пасоши.
Доколку се утврди дека адвокатот учествувал во организирањето или овозможувањето на бегството, бараме да понесе соодветна кривична одговорност, согласно законот. Адвокатската професија не смее да биде заштита за незаконски дејствија“ – се вели во соопштението на ДС.
Tagged as:
МВР НЕМА ЕВИДЕНТИРАН ИЗЛЕЗ НА ИВА МИХАИЛОВА ОД ЗЕМЈАВА
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
