Претседателот на Мајкрософт, Бред Смит, предупреди дека производи како млекото и машините за перење алишта подлежат на построги безбедносни правила отколку вештачката интелигенција (ВИ). Тој повика на итно воведување глобални стандарди за безбедност на технологијата, оценувајќи дека доброволните правила на технолошките компании веќе не се доволни, објави Би-би-си.
Ставот на Смит се разликува од политиката на американскиот претседател Доналд Трамп, кој се залага технолошкиот сектор сам да се регулира, за да не ја изгубат американските компании предноста во однос на кинеската конкуренција. Но, според Смит, потребни се јасни правила што ќе важат за сите, особено поради сè поголемите можности и потенцијалните ризици на системите со вештачка интелигенција.
„Во моментов, за вашата машина за перење важат построги безбедносни правила отколку за ВИ. Секое пакување млеко што го гледате во продавницата поминува безбедносни проверки и инспекции“, истакна Смит.
Повиците за законска контрола на вештачката интелигенција стануваат сè погласни, откако експерти од индустријата предупредија дека технологијата може да претставува закана за човештвото. Раководители на компании како „Антропик“, „ОпенАИ“ и „Гугл Дипмајнд“ ја поддржаа идејата за забавување на развојот на ВИ во одредени околности, наспроти ставот на Трамп за забрзување на технолошката трка.
Во интервју за Би-би-си, Смит ја опиша вештачката интелигенција како „и алатка и оружје“ и порача дека за неа се потребни итни безбедносни механизми. Тој предлага компаниите да мора да воспостават таканаречени „безбедносни кочници“ – системи што ќе овозможат запирање или забавување на ВИ доколку таа почне да се однесува на непредвидлив или опасен начин.
Меѓу неговите предлози се и законска обврска за компаниите да подготвуваат извештаи за инциденти и да ги известуваат засегнатите лица кога системите ќе предизвикаат проблеми или ќе покажат непредвидливо однесување. Дополнително, независни владини експерти би требало да ја проверуваат новата ВИ-технологија пред таа да биде пуштена во јавна употреба.
„Знаеме како се прави тоа со други производи. Треба да го искористиме тоа знаење и да размислиме како да го примениме кај ВИ“, рече Смит.
Според Смит, Велика Британија е во добра позиција да ја преземе водечката улога во создавањето меѓународни безбедносни стандарди. Како предност го посочи британскиот Институт за безбедност на вештачката интелигенција, основан за време на владата на поранешниот премиер Риши Сунак.
Тој смета дека Велика Британија располага со силни технички капацитети и може да помогне во постигнувањето поширок меѓународен договор. Смит истовремено оцени дека американската влада полесно би можела да прифати стандарди предложени од Лондон отколку правила што доаѓаат од Европската Унија.
Иако Трамп се залага за забрзување на развојот на вештачката интелигенција, со образложение дека победата во оваа област ќе значи поширока технолошка и економска предност, Смит верува дека сè уште постои простор за меѓународна соработка околу безбедноста.
– Кога ќе видите ВИ-агенти што се надвор од човечка контрола или модели толку моќни што ја загрозуваат глобалната сајбер-безбедност, би рекол дека тој момент веќе пристигнал. Да разговараме смирено, можеби и тивко, но одлучно, и да почнеме да ги собираме луѓето – порача Смит.
Кон крајот на минатиот месец, Трамп беше домаќин на претставници на компаниите „ОпенАИ“, „Антропик“, „Енвидија“, „СпејсИкс“, „Мета“ и „Гугл“ во Белата куќа. Тие потпишаа документ што го опишаа како морално обврзувачки, со кој се согласија да соработуваат со независни ревизори за да проверат дали нивните ВИ-системи функционираат според предвиденото и дали можат непредвидливо да влијаат врз други технички системи.
Смит ја поздрави иницијативата и рече дека Мајкрософт со задоволство би се приклучил, но нагласи дека таа е само почетен чекор.
– Тоа е добар и неопходен чекор, но сметам дека веќе не е доволен – изјави тој.
Според Смит, потребни се законски обврски и независен надзор што ќе важат за целиот сектор, а не само за компаниите што самите се согласуваат да ги следат.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
