Претседателот на САД Доналд Трамп објави дека постигнал договор со рускиот претседател Владимир Путин за испорака на повеќе милиони тони дизел-гориво од Русија, со што, според него, цените на овој енергенс во САД и во светот би требало нагло да паднат.
Договорот предвидува испораките да почнат веднаш, а дополнителните количества ќе зависат од состојбата на руските рафинерии.
Трамп ја објави информацијата на својата социјална мрежа „Трут соушал“, наведувајќи дека договорот бил постигнат во разговор со Путин.
Според американскиот претседател, Русија веднаш ќе испорача повеќе од 300.000 тони дизел, а во текот на ноември треба да следува нова испорака од 500.000 тони.
Потоа се предвидени уште еден милион тони гориво, додека во следната фаза Москва би можела да обезбеди дополнителни три милиони тони.
Тоа значи дека вкупните најавени количества би можеле да надминат 4,8 милиони тони дизел, доколку се реализираат сите испораки што ги спомена Трамп.
Особено интересен детал е што последните 3 милиони тони не се безусловно договорени. Нивната испорака, според самиот Трамп, ќе зависи од состојбата на руските рафинерии и од нивната можност да обезбедат дополнително производство.
Американскиот претседател ги поврза најавените испораки со состојбата во Ормускиот Теснец, кој е еден од најважните светски правци за транспорт на нафта.
„Помеѓу нашата целосна контрола врз Ормускиот Теснец и оваа голема најава за руските енергенси, цените на дизелот за Американците, но и за целиот свет, брзо и рекордно ќе паднат“, напиша Трамп.
Неговото тврдење дека САД имаат целосна контрола врз Ормускиот Теснец не е независно потврдено.
Трамп не соопшти детали за финансиските услови на договорот, цената по која би се купувало горивото, ниту за компаниите што ќе ги организираат испораките.
Не е прецизирано ни колкав дел од рускиот дизел ќе заврши директно на американскиот пазар, а колкав ќе биде наменет за други држави.
Останува отворено и прашањето како ќе се спроведуваат испораките во рамките на постојните ограничувања и санкции што се однесуваат на трговијата со руски енергенси.
Aдминистрација на Трамп исто така разгледува можност да активира закон што ѝ овозможува на владата да го насочува индустриското производство во интерес на националната безбедност.
Станува збор за механизам што вообичаено се поврзува со воени и вонредни состојби, а сега би можел да биде употребен за справување со последиците од војната со Иран.
Трамп, за време на церемонијата по повод Денот на Колумбо во Белата куќа, изјави дека наскоро ќе соопшти нови чекори за поевтинување на дизелот.
– Наскоро ќе имаме големо соопштение за дизелот – рече американскиот претседател.
Тој ја поврза најавата со војната против Иран, изразувајќи уверување дека конфликтот наскоро ќе заврши.
– Цените ќе паднат и наскоро ќе заврши, на еден или друг начин – додаде Трамп.
Американскиот претседател не објасни кои мерки ќе бидат преземени, ниту кога граѓаните и компаниите би можеле да почувствуваат намалување на цените.
Ројтерс, повикувајќи се на 3 извори од индустријата, објави дека Белата куќа подготвува директива со која од надлежните институции ќе се побара да ја испитаат можноста за примена на Законот за одбранбено производство.
Овој американски закон ѝ дава на федералната влада широки овластувања да влијае врз производството и распределбата на стоки и материјали што се сметаат за важни за националната безбедност.
Трамп истакна дека намалувањето на цените на горивата е еден од неговите главни приоритети, особено поради притисокот што скапите енергенси го создаваат врз американското стопанство.
Тој посебно ги спомена земјоделците, сточарите и камионџиите, кои се меѓу најголемите потрошувачи на дизел и чии трошоци директно зависат од неговата цена.
Најавата доаѓа во период кога војната со Иран сериозно го наруши снабдувањето со нафта и гориво, а ограничувањата на пловидбата низ Ормускиот Теснец дополнително ги зголемија притисоците врз светските енергетски пазари.
На 5 октомври американскиот претседател веќе потпиша указ со кој привремено се олеснува употребата на таканаречениот црвен дизел на јавните патишта, како и плаќањето на поврзаниот федерален данок.
Tagged as:
Шефот на САД најавува рекорден пад на цените на светскиот пазар
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
