Џо Манганиело во новите мемоари „Bloodlines“ открива детали за седумгодишната борба со мистериозна автоимуна болест, која сериозно му го нарушила здравјето. Актерот тврди дека во најтешкиот период не ја добивал потребната поддршка од тогашната сопруга Софија Вергара, а открива и дека токму болеста влијаела врз неговата одлука да се откаже од идејата да има деца.
Манганиело, познат по серијата „Вистинска крв“ и филмовите „Magic Mike“, во мемоарите пишува дека неговите здравствени проблеми почнале набргу по венчавката со Вергара во 2015 година. Во следните седум години се соочувал со силни болки во стомакот поради кои понекогаш не можел ни да оди, треска, осип со плускавци, главоболки, замор и крвавење од ректумот.
Неговата состојба постепено се влошувала, а за седум години изгубил околу 27 килограми. Поминал низ бројни колоноскопии, а во 2016 година морал итно да биде опериран и му бил отстранет дел од цревото. По операцијата користел стома кеса, бидејќи повеќе не можел нормално да врши нужда.
Иако лекарите не успеале да постават конечна дијагноза, Манганиело болеста ја опишува како мистериозна автоимуна состојба која за малку ќе го чинела живот. Тој вели дека конвенционалните терапии не му помогнале, па во потрагата по решение се обратил и кај шаман во Санта Моника. Според него, шаманот му помогнал да се соочи со траумите што ги носела неговата фамилија низ генерации.
Во книгата Манганиело тврди и дека неговиот брак со Вергара во тој период станал емоционално празен. Тој наведува дека актерката одбивала да го прегрне дури и кога ја молел за тоа, а ја споменува и нејзината реакција на неговото куче Баблс.
Кучето го посвоил во 2019 година, во период кога, како што самиот открива, размислувал за самоубиство.
– Морав да се ослободам од пиштолот бидејќи постојано размислував за него, а потоа дојде кучето. Од пациент станав негов негувател – пишува тој. Манганиело тврди дека Вергара го исмевала токму поради Баблс.
Актерот во мемоарите ја оспорува и досегашната приказна за причината за нивниот развод. Вергара во 2024 година изјави дека нивниот брак се распаднал затоа што Манганиело сакал деца, додека таа не сакала повторно да стане мајка бидејќи била веќе повозрасна.
Тој сега тврди дека вистината била поинаква. По неуспешните обиди за ин витро оплодување, двајцата размислувале и за донаторка на јајце-клетки, но неговата болест го натерала да се откаже од идејата. Манганиело објаснува дека се плашел да не умре и да ја остави Вергара со дете кое не би било биолошки нејзино.
– За мене се кажуваа и објавуваа работи што не беа вистина – вели актерот, објаснувајќи дека мемоарите ги напишал и за да ја раскаже својата страна од приказната.
Денес Манганиело вели дека повеќе нема симптоми и не зема лекови. По дополнителна операција повторно му бил поврзан дигестивниот тракт, а тој продолжил со животот. Негова најголема поддршка сега е свршеницата Кејтлин О’Конор, со која размислуваат и за деца.
Мемоарите „Bloodlines“ треба да излезат на 13 октомври.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
