Кремљ остро реагираше на новото француско ракетно тестирање, оценувајќи дека Европа е „опседната со идејата за милитаризација“.
Реакцијата доаѓа еден ден откако францускиот претседател Емануел Макрон лично присуствуваше на првото тестирање на новата стратешка балистичка ракета во Западна Франција што може да носи нуклеарна боева глава.
– Ова е јасна и недвосмислена порака. Европа е опседната со идејата за милитаризација – изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Според него, Европската Унија се обидува од економски блок да прерасне во воено-политички сојуз, а својот идентитет во областа на одбраната и безбедноста сè повеќе го гради врз спротивставувањето на Русија.
Песков ваквиот пристап го нарече „ќорсокак“ и порача дека Москва внимателно ги следи европските воени планови.
– Соочена со ваквите агресивни дејствија и планови, Русија останува будна и ги презема сите неопходни мерки за да ја загарантира својата безбедност – рече Песков.
Франција ја изврши пробата во период на зголемени безбедносни тензии во Европа. Повеќе европски земји ја обвинуваат Москва за хибридни активности, додека европските влади ги зголемуваат инвестициите во одбраната.
Макрон лично го следеше тестирањето на ракетата крај брегот на Бретања во Финистер, истрелана од нуклеарната подморница „Le Vigilant“. Станува збор за стратешки систем со можност за носење нуклеарна боева глава.
Кремљ, сепак, покрај острите критики кон европската воена политика, порача дека Москва не ја затвора вратата за разговори.
– Сметаме дека секој проблем треба да се решава не преку демонстративни ракетни тестирања, туку преку дијалог – нагласи Песков.
Минатата недела и рускиот претседател Владимир Путин тврдеше дека Русија нема намера да напаѓа никого.
Истовремено, Путин предупреди дека доколку руска територија биде нападната од земји членки на НАТО, Москва ќе се брани со сите видови оружје со кои располага.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
