Ева Мари Сент, актерката која освои „Оскар“ за своето филмско деби и стана една од најпознатите русокоси на холивудската златна ера, почина на 102 години. Сент починала на 6 октомври во својот дом во Лос Анџелес, од природна смрт, потврдил нејзиниот портпарол.
Родена е на 4 јули 1924 година во Њуарк, Њу Џерси, а првично сакала да стане учителка. Наместо тоа, студирала глума и започнала кариера во радио, театар и раната телевизија. Во 1953 година дебитирала на Бродвеј во „The Trip to Bountiful“, каде што ја забележал режисерот Елија Казан.
Казан ја избрал за улогата на Еди Дојл во „On the Waterfront“, филмот од 1954 година во кој глумеше со Марлон Брандо. Тоа беше нејзино прво појавување на филмското платно – и веднаш следеше најголемото можно признание. Сент го освои „Оскарот“ за најдобра споредна актерка, станувајќи една од ретките актерки што добиле статуетка за филмско деби.
Нејзиното појавување на доделувањето на „Оскарите“ во 1955 година е исто така дел од холивудската историја. Сент била бремена со своето прво дете и, додека ја примала наградата, се пошегувала дека можеби ќе го роди бебето токму тука. Само два дена подоцна го родила синот Дарел.
Но, улогата што трајно ја врежа во филмската историја дојде неколку години подоцна. Во 1959 година Алфред Хичкок ја избрал за партнерка на Кери Грант во „North by Northwest“. Таа ја играше Ева Кендал, мистериозна жена која се вплеткува во шпионска приказна, еден од најпознатите трилери на Хичкок. Филмот денес се смета за еден од класиците на американската кинематографија.
Хичкок имал многу конкретни упатства за нејзиниот настап. Сент подоцна раскажувала дека ѝ рекол да зборува со понизок глас, да не ги користи рацете додека зборува и постојано да го гледа Кери Грант во очи.
Во следните години Сент работела со големи имиња како Пол Њумен, Елизабет Тејлор, Ричард Бартон и Џејмс Гарнер. Меѓу филмовите во кои играше се „Exodus“, „All Fall Down“, „The Sandpiper“ и „Grand Prix“. Сепак, нејзината филмска кариера не била толку обемна како што можело да се очекува по нејзиниот спектакуларен почеток.
Причината била свесна одлука. Сент сакала да поминува повеќе време со семејството и одбивала голем број улоги. Со режисерот и продуцент Џефри Хејден се омажила во 1951 година и останале заедно 65 години, до неговата смрт во 2016 година. Имаа две деца.
– Имав агент кој сакаше да снимам многу повеќе филмови. Му реков: Не можам. Можам еден годишно, ако и толку. Имам деца, мали деца – раскажа Сент во интервју во 2014 година. Кога агентот ѝ рекол дека така веројатно никогаш нема да стане суперѕвезда, таа му одговорила: Претпоставувам дека нема, а потоа – го отпуштила.
Подоцна успешно работела и на телевизија. Во 1990 година освоила „Еми“ за телевизискиот филм „People Like Us“, а продолжила да се појавува на екран и во позрелите години. Помладата публика ја памети и како Марта Кент, мајката на Супермен, во „Superman Returns“ од 2006 година. Нејзиниот последен филм беше „Winter’s Tale“ од 2014 година.
Со нејзината смрт, Холивуд загуби една од последните големи актерки чија кариера го поврзуваше класичниот филмски Холивуд со современата кинематографија. Таа остави зад себе кариера долга речиси седум децении и повеќе од 160 актерски улоги во театарот, филмот и телевизијата.
Tagged as:
Ева Мари Сент која играше покрај повеќето холивудски великани почина на 102 години
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
