Аугуст Ханинг, поранешниот шеф на германската служба за надворешно разузнавање БНД, е уапсен под сомнение за шпионажа, јави ДПА.
Овој 80-годишник е под истрага за обид за велепредавство и за дејствување како агент за странска разузнавачка служба, потврди денеска Сојузното јавно обвинителство.
Ханинг раководеше со Сојузната разузнавачка служба (BND) во периодот од 1998 до 2005 година, пред да стане приватен советник за безбедност.
Приведен е и еден поранешен вработен, под сомнение дека му доставувал доверливи информации на својот поранешен шеф откако Ханинг ја напуштил службата.
Германските медиуми WDR, NDR и „Зидојче цајтунг“ (Süddeutsche Zeitung) објавија дека странската разузнавачка служба не била руска, појаснува ДПА.
Според информациите на „Билд“, истрагата против 80-годишниот Ханинг ја води германскиот федерален државен обвинител, а тој е осомничен и за велепредавство, давање или добивање државни тајни и разузнавачка работа за странска сила.
Билд тврди дека Ханинг добил тајни информации за пари од поранешен вработен во БНД, кои биле наменети за разузнавачки брифинзи во Канцеларијата на канцеларот.
Истражителите се сомневаат дека потоа имал намера да ги користи или препродава преку својот консултантски бизнис. Овие информации сè уште не се независно потврдени со официјално соопштение на Федералното обвинителство.
Засега, ДПА само потврдува дека Ханинг и уште еден поранешен соработник се уапсени под сомнение за шпионажа и дека истрагата е во тек.
Ханинг и во текот на минатата година се најде под лупата на германските истражители во сосема друг случај.
Германските медиуми потоа објавија дека обвинителството ја истражува неговата можна улога во обидот за киднапирање на децата на хамбуршката претприемачка Кристина Блок. Во септември 2025 година, беа претресени и деловните простории на безбедносна компанија поврзана со Ханинг.
Според Билд, токму за време на таа истрага истражителите пронајдоа траги што ги насочија кон можното протекување на тајни податоци од БНД.
Како поранешен шеф на германската служба за надворешно разузнавање, тој со години наназад јавно коментираше за тероризмот, Русија, безбедносната политика и работата на разузнавачките служби.
Германските власти досега не објавија кому требало да му бидат предадени доверливите информации, ниту дали има некаков доказ дека тие всушност завршиле кај странска разузнавачка служба, пренесува ДПА.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
