Се проценува дека повеќе од 600.000 луѓе го посетиле крајбрежниот парк во јужниот пристанишен град Бусан откако ајкулата долга 3,5 метри – наречена „Буканг-и“ според Северното пристаниште на Бусан – првпат била забележана во каналот на 18 септември, пренесува РТС.
Експертите веруваат дека станува збор за ајкула од видот „бронзена ајкула“ (bronze whaler), која влегла во каналот од морето додека бркала плен, но не успеала да го најде патот назад.
Крајбрежната стража во градот – кој се наоѓа на околу 325 километри југоисточно од Сеул – се обидела да ја избрка ајкулата на денот кога таа била забележана. Сепак, операцијата била прекината шест часа подоцна по препорака на научниците, кои предупредиле дека присилувањето на животното да го напушти каналот може да го повреди или да го направи агресивно. Во вторникот наутро, чамците на Крајбрежната стража насочиле водени млазови зад ајкулата за да ја турнат кон излезот од каналот. Официјалните лица изјавиле дека методот се засновал на спасувањето на голема бела ајкула која останала заглавена во плитка вода крај брегот на Масачусетс во 2004 година.
Првиот обид бил неуспешен бидејќи ајкулата успеала да се провлече покрај чамците и да се врати во каналот, објави весникот *Herald Business*. Националниот институт за наука за рибарство соопшти дека состојбата на ајкулата е стабилна, но надлежните предупредија дека нејзината способност за исхрана и движење е ограничена, што би можело да доведе до нејзино слабеење доколку остане во каналот подолго време.
Операцијата повторно била прекината во вторникот попладне, бидејќи ајкулата одбивала да го напушти каналот. Ајкулите не се реткост во јужнокорејските води. Националниот институт за наука за рибарство регистрираше 46 големи ајкули крај источниот брег на земјата во првата половина од оваа година – речиси четири пати повеќе отколку во истиот период минатата година. Ова зголемување се припишува на потоплите води и поголемото изобилство на риби со кои се хранат ајкулите.
Крајбрежниот парк „Норт Порт“ (North Port), кој вообичаено привлекува околу 2.000 посетители дневно за време на празниците, забележа 607.000 посети во периодот од 19 до 28 септември, соопштија градските власти.
Во вторникот, 62-годишната Ким Џонг-сук дојде да се прости од ајкулата. „Со текот на времето се приврзав за неа, бидејќи ја набљудував овде неколку дена. Чувствувам мала тага“, изјави таа за весникот „Мејл Шинмун“ (Mail Shinmun).
Градоначалникот на Бусан, Џеон Џе-су, исто така е воодушевен од оваа неочекувана атракција.
„Таа навистина е ѕвезда. Се појавува на секои пет до десет минути. Едноставно е прекрасна“, изјави тој за радиостаницата CBS.

