Постои одредена нарушеност на носечката конструкција на два соседни објекти по силната експлозија во атинската населба Плака, по која во петокот целосно се урна двокатна зграда. Ова го посочи заменик-градоначалникот на Атина задолжен за технички услуги, општински имот и дигитално управување, Парис Харлавтис, по извршените контроли на објектите во непосредна близина на урнатата зграда, јавува дописничката на МИА од Атина.
Харлавтис истакна дека првичните заклучоци веќе се донесени, додека официјалниот извештај се очекува во текот на следните денови.
– Во петокот беше извршен првиот увид од страна на екипата на урбанистичката служба. Денеска направивме и втор увид. Ги имаме првите индикации, првите заклучоци, па се надеваме дека во текот на неделата ќе го завршиме и извештајот од увидот. Постои одредена нарушеност на носечката конструкција на двете соседни згради – посочи заменик-градоначалникот.
Тој додаде дека кај останатите објекти во областа оштетувањата се од секундарен карактер.
Силната експлозија, во која животот го загубија шест лица, веројатно била предизвикана од истекување на природен гас. На новинарско прашање за мрежата за природен гас и причините за истекувањето, заменик-градоначалникот упати на надлежните органи кои ја спроведуваат прелиминарната истрага.
– За овие прашања добро е да зборуваат експертите, односно и противпожарната служба, која го врши увидот, како и компанијата што го извршила приклучувањето на гасот. Пред зградата има и ископ, бидејќи истрагата продолжува, па затоа најдобро е да им препуштиме на експертите – нагласи Харлавтис.
Експлозијата се случи во петокот, кусо пред 8 часот наутро, по што двокатната зграда целосно се урна. Телата на загинатите беа пронајдени по повеќе од 15 часа под урнатините.
Операцијата за извлекување на телата заврши во саботата попладне.
Животот го загубија тројца државјани на САД со албанско потекло и уште еден американски државјанин, кои биле на одмор во Атина и престојувале во објектот што функционирал како Ер-Би-Ен-Би, како и повозрасна брачна двојка – Гркинка и Британец, на возраст од 77 и 78 години.
Во текот на денешниот ден во Службата за судска медицина во Атина е во тек постапката за официјална идентификација на телата на загинатите.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
