Приказната за трагично починатиот македонски пејач Тоше Проески на сите им е позната, но филм за неговиот живот сè уште не е раскажан. Токму прашањето како да се направи филм за човек за кого публиката веќе има сопствена слика било во центарот на разговорот „Next Big Thing – Toše Proeski film“, одржан на Weekend.19 во Ровињ.
Проектот го претставија продуцентот Пеце Талески, авторот на проектот Игор Стоименов и сценаристите Милана Влаовиќ и Андреј Волкашин, кои зборувале за неговото создавање, истражувањето на животот и личноста на еден од најсаканите музичари во регионот, како и за предизвикот бројните лични сеќавања да се претворат во една филмска приказна.
Реченицата што Тоше Проески ја кажа во своето последно интервју, само неколку часа пред трагичната смрт, е една од нишките околу кои ќе се гради овој нов голем филмски и телевизиски проект за неговиот живот. Во Ровињ, беше најавено дека приказната за македонскиот пејач ќе биде претставена низ три формати – игран филм, играна серија и документарна серија, а авторите велат дека сакаат да го прикажат човекот зад големата ѕвезда.
Тоше остави длабока трага на музичката сцена во целиот регион, а неговиот глас, лик и насмевка и денес се дел од колективното сеќавање на милиони луѓе. Токму затоа авторите се соочуваат со прашањето како да раскажат нешто ново за човекот кој на публиката ѝ изгледа толку добро познат.
– И јас би сакал да го познавам тој Тоше“, рече Тоше во своето последно интервју, само неколку часа пред трагичната смрт. Авторот на проектот Игор Стоименов смета дека токму оваа реченица ја содржи суштината на приказната што сакаат да ја раскажат.
Според него, проектот нема да биде само приказна за првата постјугословенска ѕвезда која со својот глас ги поврза луѓето од целиот регион, туку и за младиот човек зад јавната слика.
До својата 26-та година Тоше со својот моќен тенор лесно се движеше од поп и рок, преку традиционалната музика, до сложени оперски арии. Но, додека јавниот Тоше стануваше сè поголема ѕвезда, приватниот Тоше, според Стоименов, имал сè помалку простор за себе, за љубовта, верата, своите соништа и желбата за обичен живот.
Стоименов посочува и дека Тоше почина во момент кога неговиот уметнички пат беше далеку од завршен. Почнуваше да го надминува просторот во кој стана ѕвезда, барајќи нов звук и пат кон меѓународна кариера.
– Сакам да го пронајдам Тоше – момчето од Крушево, од малото место на покривот на Македонија. Сакам да покажам кој стоел зад гласот, концертите, насловните страници и митот – вели Стоименов.
Продуцентот Пеце Талески објаснил дека уште од почеток било јасно оти оваа приказна не може да се смести само во еден формат. Затоа проектот се развива како игран филм, играна серија и документарна серија.
– Тоше беше регионално препознатлив, но приказната за човекот зад успехот е универзална и веруваме дека може да комуницира и со публика која не ја познава неговата музика – рекол Талески.
Сценаристката Милана Влаовиќ открила дека до приказната дошле преку обемно истражување и разговори со луѓе кои го познавале Тоше. Тимот направил десетици разговори и интервјуа, ги преслушувал песните, ги посетувал локациите и собирал материјали за да го состави мозаикот на неговиот живот.
Но, според неа, ниту тоа не било доволно. Целта била да се оди подлабоко и да се пронајде човекот кој постоел зад рефлекторите.
Сценаристот Андреј Волкашин, пак, вели дека пред авторите стои огромен материјал – факти, сведоштва, сеќавања и моменти кои публиката веќе ги знае. Најголемиот сценаристички предизвик, според него, е да се избере што навистина припаѓа во приказната и каде завршува биографијата, а започнува филмот.
Авторите преку разговори, лични сведоштва, музичкото наследство, локации и достапните материјали се обидуваат да создадат поширока слика за животот на Тоше, барајќи детали и перспективи кои досега не биле во прв план. Во центарот ќе биде човекот кој постоел надвор од сцената и рефлекторите.
Претставувањето во Ровињ е првиот поголем увид во креативниот и истражувачкиот процес на проектот, кој сè уште е во подготовка.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
