Background

РУДАРЕЊЕТО ВЕЌЕ НЕ ЈА ЗАДОВОЛУВА ПОБАРУВАЧКАТА НА БАКАР ВО СВЕТОТ

Бакарот е клучен критичен минерал чија растечка побарувачка не може да се задоволи само со рударство, се оценува во анализата „Синтеза на европскиот синџир на снабдување со бакар во рамките на Директивата за критични суровини“ на холандскиот Факултет за инженерство и геологија. Во неа се додава дека Директивата на Европската Унија има за цел да ја зајакне отпорноста на ресурсите на ЕУ преку зголемување на автономијата на снабдувањето со критични суровини преку ископ, преработка и рециклирање во ЕУ, со што се намалуваат надворешните зависности и се промовира циркуларната економија. Во анализата, објавена месецов во стручното списание „ScienceDirect“, се потенцира дека се очекува зголемување на побарувачката за критичните суровини, особено за бакар, а Европа во голема мера зависи од увоз од трети земји.

„Прво, клучната улога во современите индустрии, особено во електрификацијата и технологиите за чиста енергија, го прави бакарот незаменлив материјал во енергетската транзиција. Второ, тој е еден од металите што најлесно се рециклираат, што го прави еколошки одржлив ресурс. Рециклираниот, односно секундарниот бакар, не се разликува од примарниот бакар. Трето, се предвидува дека идната побарувачка за бакар ќе го надмине примарното снабдување, бидејќи капацитетите за рударење и преработка нема да бидат доволни за да се задоволат барањата на зелената транзиција“, се оценува во студијата.

Претходно, домашните експерти повикаа Македонија да се вклучи во трката за критични минерали и да ги искористи своите ресурси преку воспоставување на одржливо рударство, во согласност со европските стандарди. Тоа беше напоменато и во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, а геолозите и инженерите во јавните излагања потврдуваат дека Македонија има големи потврдени капацитети на бакар, особено во Иловица. Дури и во неодамнешна анализа на професори од Универзитетот во Штип се нагласува дека порфириското наоѓалиште на бакар и злато „Иловица-Штука“ останува најголемиот потенцијал за гринфилд рударски проект, но неговата траекторија е доминирана од судски спорови за концесии и спојувања, наместо од едноставно извршување на проектот. Проектот сепак добива поддршка од локалната иницијатива „И здравје и работа“, од каде соопштија дека одговорното развивање на рударските проекти може да придонесе за отворање директни и индиректни работни места, развој на локалните бизниси, зголемување на извозот и подобрување на јавните приходи.

- Advertisement -
Ad image

„Во време кога минералните суровини стануваат сè поважни за европската и светската економија, нашата земја треба да го искористи својот потенцијал преку стручни анализи, современи технологии и високи стандарди за заштита на животната средина… Минералните ресурси не треба да останат неискористен потенцијал. Со знаење, современа технологија и одговорно управување, тие можат да придонесат за економски развој, подобар животен стандард и создавање иднина во која младите ќе имаат причина да останат и да живеат во Македонија“, порачаа од иницијативата.

Инаку, како што пишува во студијата на холандските професори, за да обезбеди економска отпорност, Европската Унија се справува со ризиците поврзани со стратешките зависности, особено по геополитичките конфликти и како резултат на тоа, ЕУ им дава приоритет на стратешката автономија и на сигурниот пристап до критичните суровини, кои се од суштинско значење за постигнување на климатските цели.

„Овие фактори заеднички го прават бакарот материјал што е истовремено стратешки клучен и методолошки репрезентативен за проучување на дизајнот на инфраструктурата за рециклирање. Итното прашање не е толку исцрпувањето на бакарот или на другите критични метали, туку неможноста тие да се обезбедат навреме за зголемените идни потреби на индустриите. Временскиот период потребен за развој на нови рудници е долг и често изнесува од 10 до 20 години“, се додава во текстот.

Авторите порачуваат веднаш бакарот и да се рециклира, со оглед на долгиот временски период потребен за изградба на нови рудници, иако постапките за издавање дозволи за отворање рудници, постројки за преработка и капацитети за рециклирање – кои претходно беа расцепкани и бавни – ќе се спроведуваат по забрзаната процедура за стратешки проекти.

Последно, инвестицискиот фонд  „Sprott Asset Management“ објави прогноза дека глобалното производство на бакар од рудници би можело да падне оваа година, за првпат по речиси една деценија, и покрај тоа што цените достигнаа рекордни нивоа. Ова се должи на пречките во работењето, опаѓањето на квалитетот на рудата и слабото производство од големите наоѓалишта. Во прогнозата се истакнува дека на проектите за бакар им се потребни во просек околу 17,5 години за да преминат од фазата на откривање во фазата на производство.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation