Уште следниот месец граѓаните треба да добијат можност личната карта и возачката дозвола да ги имаат и на мобилниот телефон. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека „м.Услуги“, замислена како национална суперапликација, ќе биде промовирана кон крајот на октомври.
Тоа, сепак, не значи дека пластичната лична карта веднаш заминува во фиока. Андоновски предупредува дека институциите треба технолошки да се приспособат, па дигиталните документи нема автоматски да бидат прифатени насекаде уште од првиот ден.
– Јас сум свесен дека овој процес ќе трае. Но, наша задача како Министерство за дигитална трансформација е да ги отвораме овие теми, да ги наметнуваме, а граѓаните со користењето ќе ги насочат сите институции да ги прифаќаат – рече Андоновски во интервју за „360 степени“.
Тој конкретно го посочи МВР како институција на која ќе ѝ биде потребна технолошка подготовка за прифаќање на дигиталните лични карти и возачки дозволи.
– Не велам дека Министерството за внатрешни работи ќе ги прифаќа уште од првиот ден, бидејќи треба да биде технолошки подготвено. Но, сигурен сум дека низ процесот на трансформација ќе го стори тоа за брзо време – објасни Андоновски.
Апликацијата нема да биде задолжителна. Граѓаните што нема да сакаат да ја користат ќе можат да продолжат со физичките документи, а во првата верзија, покрај личната карта и возачката дозвола, треба да бидат достапни и неколку електронски услуги.
Интересен пример за тоа како може да изгледа транзицијата доаѓа од Полска. Според Андоновски, таму приватниот сектор побрзо ја прифатил сличната апликација, па граѓаните првично ја користеле за докажување возраст при влез во ноќни клубови и купување алкохол, пред пошироко да ја прифатат јавните институции.
Aмбицијата за „м.Услуги“ оди подалеку од двата документа. Во иднина на телефонот би можеле да се најдат и дипломи, свидетелства и изводи, за граѓаните да ги користат директно преку апликацијата.
– Идејата не е само личната карта и возачката дозвола. Идејата е утре да можеме и дипломи, свидетелства и изводи да ги имаме во електронска верзија во апликацијата и да ги користиме со покажување – рече Андоновски.
До финалната верзија се стигнало и преку тестирање. Неколку илјади граѓани ја користеле демо-верзијата, од која пристигнале околу 200 забелешки, додека паралелно се утврдувал протоколот со МВР за размена и чување на личните податоци.
Tagged as:
ЛИЧНАТА КАРТА И ВОЗАЧКАТА СТИГНУВААТ НА МОБИЛЕН ВО ОКТОМВРИ
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
