Граѓани го пријавил кај надлежните функционерот од Царинската управа кој барал мито за да влијае врз тендерски постапки, по што тој е уапсен и за него се бара притвор, соопшти Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
„Постапувајќи по пријава од граѓанин, јавен обвинител од ОЈО ГОКК во текот на вчерашниот ден во соработка со полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР реализираше акција во која од слобода е лишено службено лице, помошник-директор на Секторот за административно-технички работи во Царинската управа. Врз основа на досега прибраните докази, постои основано сомнение дека осомничениот сторил кривични дела Примање поткуп и Примање награда за противзаконито влијание. Во периодот од април/мај до септември 2026 година, осомничениот, користејќи ја својата службена положба, во повеќе наврати побарал и примил парични средства во вкупен износ од 17.500 евра“, соопшти Обвинителството.
Дел од средствата, во износ од 7.500 евра, биле побарани и примени во врска со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа, со цел договорот да продолжи да се реализира без пречки и без ризик од негово раскинување, се додава во соопштението.
„Дополнително, во врска со друга постапка за јавна набавка што била предмет на жалбена постапка, осомничениот побарал уште 10.000 евра, при што се повикал на свое претпоставено влијание врз натамошниот тек на постапката. Според прибраните докази, за возврат тој требало да влијае врз постапувањето во жалбената постапка и да делува во врска со условите и техничката спецификација“, соопшти Обвинителството.
Пријавата на граѓанинот, се додава, овозможи ОЈО ГОКК навремено да преземе законски дејствија за проверка на наводите, обезбедување докази и реализација на случајот.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
„За неполна седмица, ова е втор случај во кој ОЈО ГОКК постапувајќи по пријава од граѓанин, презеде дејствија што резултираа со успешна реализација. Ваквите случаи ја потврдуваат важноста на соработката меѓу граѓаните и надлежните институции во навременото откривање и гонење на коруптивните кривични дела. Обвинителството ги охрабрува граѓаните кои располагаат со сознанија или информации за можни коруптивни дејствија да ги пријават до надлежните органи. Секоја основана информација се проверува со должно внимание, а идентитетот и личните податоци на лицата кои пријавуваат се заштитуваат согласно законските можности и потребите на постапката“, соопшти ЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Полицијата вчера информираше дека уапсениот функционер е фатен на дело додека прима поткуп, со обележани пари. Тој избегал, но брзо бил фатен и уапсен.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
