Ниту државен погреб на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, ниту учество на членови на српската влада на церемонијата e прифатливо за Европската Унија, предупреди ирскиот министер за европски прашања Томас Бирн. Ирска во моментов претседава со ЕУ.
Тој потврди дека претставници на ЕУ интензивно работат на ова прашање, иако голем дел од нивните активности остануваат надвор од јавноста.
Бирн ги опиша настаните во екс-ју регионот во 1990-тите како „одвратни“.
– Не треба да има никакво сомневање дека она што се случува продолжува да им нанесува болка на луѓето, особено во регионот, но и во некои земји членки на Европската Унија – изјави ирскиот министер.
Ирскиот министер Бирн повика минатото да биде оставено зад себе, а напорите да се насочат кон помирување и продолжување на тој процес во регионот.
Авионот со телото на Ратко Младиќ, кој почина на 27 август во Хаг, на 3 септември слета на белградскиот аеродром „Никола Тесла“. Во авионот, покрај членовите на неговото семејство, беа и српскиот министер за правда Ненад Вујиќ и двајца поранешни соборци на Младиќ. Ковчегот бил покриен со српското знаме.
Светските новински агенции како АП и Ројтерс детално известија за начинот на кој телото на Младиќ пристигна во Србија. По слетувањето, ковчегот беше преземен од припадници на српската војска и испратен во воена болница за обдукција, додека медиумите најавија комеморација во Домот на војската и погреб со масовно присуство.
Синот на Младиќ соопшти дека погребот ќе се одржи на 7 септември на гробиштата „Топчидер“.
Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О’Флаерти, упати остра осуда за јавното величење на починатиот воен злосторник и посочи дека ваквите дејствија се кршење на законите и директна навреда за жртвите на геноцидот во Сребреница и воените злосторства. О’Флаерти во соопштение истакна дека изјавите на официјални лица од Република Српска и од Србија со кои се велича осудениот командант не претставуваат говор заштитен со Европската конвенција за човекови права. Тој потсети дека таквите постапки се кривично дело според законодавството на Босна и Херцеговина и упати апел до сите надлежни институции да се спротивстават на ревизионизмот и да обезбедат почитување на правдата и правата на преживеаните.
Откако српски официјални лица најавија дека Младиќ ќе биде погребан со највисоки државни почести, Европската комисија соопшти дека српските власти сами треба да одлучат каква улога ќе имаат на погребот и нагласи дека величењето на воените злосторници е спротивно на најосновните европски вредности и нема место ниту во ЕУ, ниту во земјите кандидатки.
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека е избор на семејството како ќе биде организиран погребот на Младиќ и дека тој направил сè што е потребно тој да се одржи на достоинствен начин.
На новинарско прашање дали ќе присуствува на погребот Вучиќ рече дека во понеделник и во вторник има официјална посета на претседателот на Узбекистан, закажана пред четири месеци.
– Имам официјална посета во понеделник и вторник цел ден. Дали направив сè што е потребно и сè што е можно за да се случи на достоинствен начин и на сериозен и одговорен начин да ја претставам земјата? Токму тоа го направив – рече Вучиќ.
Според Вучиќ, безбедносните служби очекуваат десетици илјади луѓе на погребот, што ќе претставува сериозен безбедносен предизвик за државата.
Хашкиот трибунал го осуди Ратко Младиќ на доживотен затвор на 8 јуни 2021 година. Тој беше прогласен за виновен по 10 од вкупно 11 обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото. Судот утврди негова одговорност за геноцидот врз околу 8.000 Бошњаци во заштитената зона на ОН, Сребреница во летото 1995 година. Поранешниот командант на Армијата на Република Српска беше прогласен за виновен и за прогон и присилно преместување на населението, тероризирање цивили за време на опсадата на Сараево и земање припадници на мировните сили на ОН како заложници.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
