Во изминатите 10 квартали македонската економија бележи континуиран раст, а највисок раст е забележан во вториот квартал од годинава од 4,3% што зборува дека политиките што ги води владата се добри, изјави денеска на прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска која додаде дека со овој раст македонската економија е петта по раст во Европската унија.
Државниот завод за статистика денеска објави дека ДВП во второто тримесечје од годинава порасна за 4,3% во однос на истиот период од 2025 година.
Таа оцени дека токму тој континуитет на растот е доказ дека економијата се движи во позитивна насока.
– Ако ја погледнеме целата патека, од 1,6% раст во првиот квартал од 2024 година денес сме на 4,3%. Уште поважно е што во сите десет последователни квартали во овој период економијата бележи позитивен раст, а во најголемиот дел од периодот стапките се движат околу и над 3 проценти. Тоа е суштината на овие податоци. Не зборуваме за раст во еден изолиран квартал, туку за континуитет на економскиот раст – рече Димитриеска- Кочоска.
Структурата на БДП, појасни, покажува дека растот има широка основа и е поддржан од повеќе сегменти на економијата.
– Особено силен импулс доаѓа од инвестициите. Бруто-инвестициите во вториот квартал бележат реален раст од 16,5% што укажува на засилена инвестициска активност во економијата. Позитивни се движењата и во надворешната трговија. Извозот на стоки и услуги реално е зголемен за 10,4%, што претставува дополнително забрзување во однос на растот од 6,2% во првиот квартал. Истовремено, увозот на стоки и услуги бележи раст од 12,5%. Растот на извозот е особено значаен, ако се има предвид дека се остварува во услови на релативно умерена европска економска активност и покажува зголемена активност на домашниот извозен сектор – рече министерката.
Позитивни резултати, дополни таа, се забележуваат и на производната страна.
-Градежништвото бележи силен раст од 21,9%, преработувачката индустрија расте за 4,1%, трговијата, транспортот и угостителството за 4,1%, а информациите и комуникациите за 4,3%. Растот е поддржан и од домашната потрошувачка. Финалната потрошувачка реално расте за 2,8%, при што потрошувачката на домаќинствата е зголемена за 3,3% – информира Димитриеска – Кочоска.
Таа посочи дека според достапните податоци за вториот квартал од 2026 година, со економски раст од 4,3 проценти, Македонија е петта по стапка на раст меѓу европските земји за кои се објавени податоци. Повисоки стапки бележат Словенија со 5 проценти, Данска со 4,7 проценти и Малта со 4,5 проценти.
– Истовремено, растот на македонската економија е значително над просекот на Европската Унија од 1,2 проценти и еврозоната од 1 проценти. И во регионот нашата стапка на раст е меѓу повисоките. Растот од 4,3 проценти е повисок од растот во Србија од 3,8 проценти, Бугарија од 2,5 проценти и Хрватска од 1,7 проценти. Овој резултат добива дополнително значење ако се погледне поширокиот економски контекст – рече Димитриеска-Кочоска.
Историски, како што посочи, македонската економија повисоки стапки на раст остварувала во периоди на посилна европска економија, имајќи ја предвид силната трговска поврзаност на нашата економија со европскиот пазар. Денес растот од 4,3% на реална, односно 8,3% на номинална основа го остваруваме во поинакви услови – при умерен раст на европската економија, глобални неизвесности и геополитички ризици. Тоа, наведе таа, е особено значајно за мала и отворена економија како нашата, силно поврзана со европскиот пазар.
– Македонската економија забрзува и покрај предизвикувачкото надворешно окружување – нагласи Димитриеска Кочоска.
Таа потенцираше и дека позитивните движења има и кај индустриското производство и оти во услови на бројни надворешни ризици и ценовни притисоци, имаме значително смирување на инфлацијата. Годишната стапка на инфлација од 4,8% во мај се намали на 3,4% во јуни и на 2,3% во јули. Тоа, укажа, е намалување од 2,5 процентни поени за само два месеца.
– Значи, од една страна имаме забрзување на економскиот раст, а од друга намалување на инфлацијата и смирување на ценовните притисоци. Тоа е големата слика што сакам денес да ја видиме – оцени министерката.
Таа рече дека Владата е посветена да постигне повисоки стапки на раст и уште подобри резултати за сите граѓани.
– Инвестираме во капитални проекти, го поддржуваме приватниот сектор и инвестициите, работиме на создавање подобро и попредвидливо деловно окружување и одговорно управуваме со јавните финансии. Бројките денес покажуваат дека економијата расте, економската активност забрзува и политиките што ги спроведуваме даваат резултати. Целта е економскиот раст да се преточува во повисок животен стандард за граѓаните, повеќе можности за компаниите, повеќе инвестиции и посилна и поконкурентна македонска економија – рече Димитриеска Кочоска.
Tagged as:
Димитриеска-Кочоска оцени дека растот на БДП е поддржан од повеќе сегменти на економијата
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
