Денеска (2.септември) почнува 83.издание на Венецијанскиот филмски фестивал, а во центарот на вниманието уште првата вечер ќе биде Џорџ Клуни, кој ќе го добие престижниот „Златен лав“ за животно дело.
Наградата ќе му биде врачена на свеченото отворање на фестивалот, а честа да му ја додели ѝ припадна на оскаровката Лора Дерн. Таа и Клуни неодамна глумеа заедно во филмот „Jay Kelly“, кој минатата година беше во официјалната конкуренција во Венеција.
Клуни, кој има 65 години, со Венеција има посебна врска која трае речиси три децении. Првпат дошол на фестивалот во 1998 година со филмот „Out of Sight“, а потоа во Венеција ги претставувал и „Good Night, and Good Luck“, „Michael Clayton“, „Gravity“ и „Jay Kelly“. Токму во Венеција во 2014 година се венчаше и со Амал Клуни.
Интересна е и симболиката на наградата. Минатата година Клуни во „Jay Kelly“ играше познат филмски актер кој патува низ Европа во пресрет на доделување награда за животно дело. Сега нешто многу слично му се случува и во реалниот живот – самиот Клуни пристигна во Венеција за да прими едно од најголемите признанија во кариерата.
Со него во Венеција пристигна и Амал Клуни. Двојката беше фотографирана како пристигнува со водено такси, а Амал повторно привлече внимание со својот моден избор.
Но, Клуни не е единствената голема ѕвезда поради која годинашното издание на фестивалот привлекува внимание. Еден од најочекуваните филмови е „Primetime“, во кој Роберт Патинсон го игра американскиот телевизиски новинар Крис Хансен, познат по емисијата „To Catch a Predator“.
Филмот на режисерот Ланс Опенхајм се занимава со периодот во кој Хансен со скриени камери разоткривал мажи кои преку интернет стапувале во контакт со малолетници. Емисијата стана голем телевизиски феномен, но истовремено предизвика и дебати за границата меѓу новинарската истрага, телевизискиот спектакл и јавното изложување на осомничените.
Особено внимание привлече фактот што Патинсон го толкува Хансен без самиот новинар да биде директно вклучен во продукцијата. Хансен неодамна изјави дека смета оти актерот неговиот лик го прикажал „премногу драматично“, но неговата сопруга и децата, според него, сметаат дека Патинсон направил прилично добра имитација.
„Primetime“ ја има светската премиера во Венеција на 5 септември, а во кината треба да пристигне на 25 септември. Филмот е во продукција на A24, а покрај Патинсон во актерската екипа се и Мерит Вивер, Скајлер Гисондо и Букем Вудбајн.
Фестивалот го отвора „Ink“ на Дени Бојл, филм за медиумскиот магнат Руперт Мардок и неговото преземање на британскиот таблоид „The Sun“ во 1969 година. Во филмот играат Гај Пирс и Џек О’Конел, а остварувањето е едно од оние од годинашната програма кои веќе предизвикуваат интерес во пресрет на премиерата.
На црвениот тепих во следните денови ќе се појават и Пенелопе Круз, Хавиер Бардем, Руни Мара, Џон Малкович, како и Лиам и Ноел Галагер, кои ќе пристигнат со документарецот за „Oasis“. Во официјалната конкуренција се и новите филмови на режисери како Мартин Мекдона, Вернер Херцог, Флоријан Зелер и Хироказу Коре-еда.
Клуни, сепак, нема да биде единствениот добитник на „Златниот лав“ за животно дело оваа година. Истото признание подоцна ќе ѝ биде доделено и на 93-годишната актерка Елен Берстин. Фестивалот ќе трае до 12 септември.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
