По повод почетокот на новата учебна година, во ООУ „Св. Климент Охридски“ се одржа свечен прием на првачињата, на кој присуствуваше градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков и претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова.
Во своето обраќање пред присутните, градоначалникот им посака на првачињата успешен почеток, а на сите ученици од општината успешна и исполнета учебна година.
– Неопислива е радоста што ова прекрасно септемвриско утро сум тука заедно со вас, на овој важен ден за нашите најмалечки ученици. Првиот училишен ден секогаш носи посебна возбуда, а денес таа возбуда ја делиме заедно со новите првачиња, кои за првпат ја отвораат вратата на училиштето и започнуваат едно ново поглавје во својот живот.
Драги првачиња, од денес ве очекуваат многу нови нешта. Тука ќе научите да читате и да пишувате, но ќе научите и колку е важно да бидете добри другари, да се почитувате, да си помагате и да верувате во себе.
Со помош на вашите учителки, со поддршка на вашите родители и со многу труд, верувам дека брзо ќе се навикнете на училишниот живот и со радост ќе доаѓате на училиште.
Драги родители, денес и јас сум еден од вас. Затоа знам дека овој ден е навистина посебен, ден кога со гордост ги гледаме нашите деца како го прават својот прв голем чекор во образованието.
Посакувам да бидеме нивна најголема мотивација, да се радуваме на секој нивен успех и да бидеме покрај нив во секој предизвик. Со љубов, верба и трпение, да им помогнеме да чекорат самоуверено на вистинскиот пат.
Почитувани наставници, ви благодарам за вашата посветеност и одговорност. Пред вас е важна задача, не само да им го пренесете знаењето, туку и да им помогнете на овие деца да растат во добри, одговорни и успешни млади луѓе.
Општина Охрид, ќе продолжи да вложува во нашите училишта и да дава поддршка за создавање подобри услови за сите наши ученици.
Драги првачиња, ви посакувам многу здравје, среќа, знаење, нови другарства и успеси. Бидете љубопитни, вредни и насмеани и уживајте во секој ваш училишен ден.
Оваа можност ја користам и на сите ученици од нашата општина, да им посакам успешна, исполнета и среќна учебна година, со многу знаење и убави училишни спомени, истакна Пецаков во своето обраќање.
Новата учебна година започна во сите основни и средни училишта на територијата на Општина Охрид.











ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
