Background

Зеленски категорично ја отфрли можноста за избори додека трае војната со Русија, предупредувајќи дека отворањето изборна кампања во сегашните услови може да предизвика опасна внатрешна поделба

Украинскиот претседател Володимир Зеленски категорично ја отфрли можноста за избори додека трае војната со Русија, предупредувајќи дека отворањето изборна кампања во сегашните услови може да предизвика опасна внатрешна поделба.

„Ако сакаме да ја уништиме земјата, тогаш во ваква војна можеме да тргнеме кон избори“, изјави Зеленски во разговор со новинарите, чија содржина беше објавена во неделата. Тој употреби уште посилна споредба: „Изборите во овој момент се цунами за државата што ќе ја подели Украина“.

Повод за ваквата реакција е минатонеделниот повик на поранешниот министер за одбрана Михајло Федоров, до неодамна еден од најблиските соработници на Зеленски, да се најде начин избори да се одржат и додека трае војната. Федоров, кој во јули беше сменет од функцијата по судирите околу водењето на Министерството и воената стратегија, оцени дека Украина се соочува со „системска криза на управувањето“. „Демократијата не може да биде заложник на Русија. Мора да најдеме законски, безбеден и реалистичен механизам што ќе ѝ овозможи на Украина целосно да го обнови демократскиот процес и во услови на долга војна“, порача тој.

- Advertisement -
Ad image

Повикот е особено чувствителен за Зеленски бидејќи доаѓа од човек кој до неодамна беше дел од самиот врв на неговата власт, а сега се смета за можен сериозен политички конкурент. Федоров не објави дека ќе се кандидира за претседател, но Ројтерс наведува дека едно неодамнешно истражување покажало оти тој би можел убедливо да го победи Зеленски доколку двајцата се најдат во втор круг. Неговото разрешување претходно предизвика и повеќенеделни протести во Киев со барање да биде вратен во владата.

Сепак, идејата за избори среде војна засега нема мнозинска поддршка меѓу Украинците. Според анкета на Киевскиот меѓународен институт за социологија од 5 август, 57 отсто од испитаниците сметаат дека изборите треба да се одржат дури по завршувањето на борбите. Рејтингот на Зеленски, според податоците што ги пренесува Ројтерс, и натаму се движи околу 60 отсто, иако истражувањата покажуваат дека значителен дел од јавноста сака нови лица во политиката.

Постои и голема правна пречка. Украинското законодавство не дозволува одржување избори додека е во сила воената состојба, воведена по почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. Претседателските избори редовно требаше да се одржат во 2024 година, но беа одложени поради војната. Тоа значи дека за гласање сега би биле потребни сериозни законски промени, покрај политички договор за условите во кои изборите би се организирале.

Уште потешко е практичното прашање како да се организираат избори во земја што секојдневно е изложена на руски ракетни и беспилотни напади. Стотици илјади украински војници се на фронтот, милиони граѓани живеат во странство, а дел од населението е на територии окупирани од Русија. Зеленски нагласува дека евентуалните избори мора да обезбедат учество на војниците, луѓето од подрачјата блиску до фронтот и Украинците во странство, без притоа гласачите да бидат изложени на руски напади.

Зеленски и претходно оставаше отворена можност за избори доколку западните партнери можат да гарантираат безбедни услови за нивно одржување. Сега, сепак, вели дека таков конкретен план никој не понудил. Неговата позиција е дека приоритет мора да биде завршувањето на војната и зачувувањето на украинската држава. „Мојата стратегија е да ја водам земјата кон крај на војната и да зачуваме независна и суверена држава“, рече Зеленски.

Но спорот со Федоров покажува дека политичкото примирје што во голема мера владееше во Украина по руската инвазија почнува да се нарушува. Федоров е првиот истакнат украински политичар по февруари 2022 година кој отворено побара начин за одржување избори додека трае војната. Неговиот повик е уште позначаен затоа што до смената беше долгогодишен сојузник на Зеленски, член на неговиот прв владин тим од 2019 година и еден од најпрепознатливите претставници на новата генерација украински политичари.

Односите меѓу двајцата во меѓувреме драматично се влошија. Зеленски викендов првпат подетално проговори за нивниот судир, велејќи дека и натаму има позитивно лично мислење за Федоров, но дека поранешниот министер „оди, или некој го турка, во погрешни работи“. Претседателот откри и дека му понудил четири различни функции за да остане во власта, но Федоров ги одбил сите.

Пред да стане претседател, Володимир Зеленски беше актер и комичар без политичко искуство, најпознат по серијата „Слуга на народот“, во која играше професор кој неочекувано станува претседател на Украина. Но неговата убедлива победа во 2019 година не се случи во мирна земја. Украина тогаш веќе пет години беше во конфликт со Русија: Москва го имаше анектирано Крим, а во Донбас траеше војната со сепаратистите поддржани од Русија. Еден од клучните адути на Зеленски во кампањата беше ветувањето дека ќе се обиде да ја заврши војната и да постигне мир во Донбас. Во вториот круг на претседателските избори, на 21 април 2019 година, тој го декласира тогашниот претседател Петро Порошенко со 73,22 отсто од гласовите, а веднаш по преземањето на функцијата порача дека прекинот на огнот во Донбас е негова прва задача.

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation