Петнаесет лица биле лишени од слобода во текот на изминатото деноноќие поради безобѕирно управување со моторно возило, информира Министерството за внатрешни работи.
Полициските службеници на територијата на целата држава ги лишиле од слобода лицата поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ согласно член 297-а од Кривичниот законик.
Од вкупно 15 лица, десет управувале моторно возило без возачка дозвола. Меѓу нив имало и тројца малолетници.
Две лица биле затекнати како управуваат возило под дејство на алкохол, додека едно лице управувало возило и покрај активна забрана за управување.
Дополнително, две лица биле лишени од слобода затоа што истовремено управувале без возачка дозвола и под дејство на алкохол.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случаите против лицата ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Од Министерството повторно апелираат до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да не управуваат моторно возило без возачка дозвола, со изречена забрана или под дејство на алкохол.
Одговорното однесување во сообраќајот, нагласуваат од МВР, е заедничка обврска и клучен предуслов за поголема безбедност на сите граѓани.

