Секое лето, обезбедувањето на претседателката Гордана Силјановска Давкова блокира цели улици во Охрид, заради фризер, стоматолог или кафе, додека охридската полиција наместо граѓаните ги штити каприците на власта.
Историски гледано, летната резиденција во месноста Горица, некогашната Титова вила, денес позната како Вила Билјана, секогаш била симбол на моќ, но и на дистанца. Позиционирана на карпа со поглед на едно од најубавите езера на Балканот, таа била официјална летна резиденција на Јосип Броз Тито, кој во неа престојувал само еднаш, во далечната 1967 година, и тоа само четири дена. По него, вилата ја користеле и сите претседатели на самостојна Македонија, Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски, Ѓорге Иванов и Стево Пендаровски, но ниту еден од нив не остана запаметен по тоа што престојот таму го претворил во секојдневен сообраќаен колапс за граѓаните на Охрид.
Сегашната претседателка, Гордана Силјановска Давкова, ја користи вилата до максимум, речиси како постојано живеалиште во текот на летото,есента,зимата, пролета. Самото тоа не е проблем, некогаш и Јованка Броз со задоволство поминувала четири дена таму. Проблемот не е ни во тоа што претседателка ужива во убавините на Охридското Езеро. Проблемот е во желбите, инаетот и однесувањето на нејзиното обезбедување, кое буквално секој летен ден создава сообраќаен хаос низ улиците на градот.
Приказната веќе личи на анегдота што луѓето во Охрид ја раскажуваат со кревање раце. Претседателката решила да ги избели забчината, и веднаш потоа била блокирана целата улица Питу Гули, од кружниот тек кај Охридската болница, па се до автобуската станица. За поправка на фризура кај фризер, целосно е затворена и улицата Димитар Влахов. Дрскоста на обезбедувањето отишла дотаму што побарало и гостите во околните угостителски објекти да ги напуштат просториите, наводно заради загрозена безбедност на „фризурата“ на претседателката. Тешко е ова да се коментира без сарказам, бидејќи навистина личи на лудило.
Приказната не запира тука. Кога претседателката решила да испие кафе во стариот дел на Охрид, затворена била улицата Македонски просветители, испразнет е целиот паркинг во центарот на градот, а припадниците на охридската полиција наместо да ја штитат безбедноста на граѓаните, секојдневно ги извршуваат налозите на бахати арогантни „испекторчичи’ таканаречената шеста управа на МВР, институцијата задолжена официјално за безбедност на претседателката.
Дека ова не е измислица, потврдува и одговорот на еден припадник на охридската полиција, прашан зошто е забрането движењето кон центарот на градот. Одговорот бил колку смешен, толку и трагичен, дека така му наредило обезбедувањето на претседателката од шестата управа, никого да не пуштаат кон центарот, бидејќи претседателката во тој момент пиела кафе во кафуле во центарот на Охрид.
Охрид како туристички центар е жива материја, град кој цела година дише од угостителството, туризмот и секојдневниот живот на своите граѓани, а не вазал на кого било, ниту на кралеви, ниту на цареви, а уште помалку на желбите на еден претседател. Цело лето градот беше непотребно ставан на пауза заради задоволување лични суети, додека граѓаните и туристите трпат последици, затворени улици, блокиран сообраќај, испразнети паркинзи и полиција свртена кон погрешна насока на приоритети.
Прашањето до кога ова ќе се толерира не е реторичко. Тоа е прашање на институционална мера, на почит кон граѓаните, и на разлика помеѓу тоа да се биде претседател на државата и да се биде гостин кому целиот град му е должен да му се потчини заради фризура или кафе.
Сашо Денесовски
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
