Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски открива дека се водат разговори „под радарот“ за деблокирање на европскиот пат на Македонија, но нагласува дека Владата нема да прифати решение по секоја цена, особено кога станува збор за прашањата поврзани со идентитетот, јазикот, историјата и културата.
Во интервју за МИА, Муцунски вели дека постојат дипломатски разговори за надминување на блокадата на евроинтегративниот процес, но дека нивната содржина не може да биде јавно обелоденета.
– Ние често зборуваме за тоа дека има разговори. Не смееме да ги споделуваме деталите, бидејќи ако почнеме со јавноста да ги споделуваме, тогаш ги осудуваме на неуспех. Но, граѓаните треба да бидат спокојни дека Владата има јасно нацртани црвени линии и прашања за кои не е подготвена да преговара. Работиме на решение, но не решение по секоја цена и не решение кое нема да биде одржливо – изјави Муцунски.
Тој истакнува дека клучната разлика меѓу актуелната и претходните влади е тоа што сегашната власт, како што вели, не е подготвена на отстапки во однос на идентитетските прашања.
Муцунски смета дека за европската интеграција е потребен широк политички консензус, но истовремено ја критикува опозицијата поради, како што наведува, одлуките донесени во 2021 и 2022 година.
– Пред речиси точно пет години во Собранието постигнавме политички консензус преку резолуција поврзана со националните позиции. Но тогашната влада на СДСМ и ДУИ за само неколку месеци го погази тој консензус. Денес е потребен нов консензус, но опозицијата најпрво треба да ја прифати реалноста и последиците од тогашните одлуки – рече министерот.
Осврнувајќи се на критиките од опозицијата дека државата назадува на европскиот пат, Муцунски оцени дека ситуацијата треба да се разгледува од два аспекта.
Според него, Македонија бележи напредок во реформскиот процес и тоа, како што посочи, ќе биде нотирано и во претстојниот извештај на Европската комисија.
– Европската Унија ја препознава нашата стратешка определба. Имаме целосно усогласена надворешна и безбедносна политика со ЕУ, први во регионот потпишавме партнерство за одбрана и безбедност со Унијата и јасно знаеме во кој правец се движи нашата надворешна политика – нагласи Муцунски.
Тој додава дека главниот предизвик останува спорот со Бугарија, кој го оцени како „вештачки создаден“, но уверува дека Владата работи на негово надминување без отстапување од националните позиции.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
