Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека нема да ја напушти земјата доколку неговата Српска напредна партија ги загуби изборите што ги најавува во последните месеци. Во Србија сè уште се разгледуваат можните термини за одржување на парламентарните и претседателските избори.
Гостувајќи на телевизијата „Прва“, Вучиќ рече дека претседателските избори најверојатно би се одржале во јануари 2027 година доколку парламентарните избори бидат во октомври.
„Ако во октомври има парламентарни избори, можно е претседателските да бидат на крајот на декември или почетокот на јануари. Доколку парламентарните избори бидат во ноември, тогаш претседателските сигурно ќе бидат во јануари или можеби најдоцна во почетокот на февруари“, изјави Вучиќ.
Предвремени избори бараат студентското движење и голем дел од јавноста во рамки на повеќемесечните протести против власта. Протестите почнаа по трагедијата во Нови Сад во 2024 година, кога при уривање на настрешница на железничката станица загинаа 16 лица.
Демонстрантите ја обвинуваат власта за корупција и нефункционирање на институциите, додека студентското движење најави сопствена изборна листа. Вучиќ изјави дека листата на СНС ќе има многу повеќе млади кандидати од студентската листа.
– Ако граѓаните сакаат да гласаат за младост и иднина – ќе можат да гласаат за СНС. Ние ќе бидеме неспоредливо помлада листа од нивната, а јас ќе бидам меѓу постарите – рече Вучиќ.
Тој додаде дека со гордост ќе биде дел од листата, без оглед на позицијата на која ќе биде поставен.
Српскиот претседател порача дека нема страв од можен изборен пораз, освен од Бога, историскиот суд и судот на сопствениот народ.
– Можно е да ги изгубиме изборите, но сепак ќе ги преброиме гласовите. Кога ќе победат на изборите, ќе им честитам и истата вечер ќе кажам дека најлошите можни дошле на власт. Ќе им се смеам во лице цело време – и од притвор, и од затвор, и од гроб, пркосно и гордо – изјави српскиот претседател.
Осврнувајќи се на поддршката што студентското движење ја доби од дел од меѓународната јавност, Вучиќ ги обвини Европа и САД дека, како што рече, поддржуваат луѓе кои би го нарушиле правниот поредок.
Тој истовремено призна дека власта мора да ги слуша пораките и критиките од незадоволните граѓани, додавајќи дека дел од нивните забелешки се оправдани поради постоење на корумпирани и арогантни поединци во системот.
Вучиќ информираше и дека преку платформата „Кој си бре ти?“, која беше пуштена за пријавување корупција и злоупотреба на овластувања, досега биле доставени околу 10.000 пријави, а одговорено било на околу 3.500 од нив.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
