„Сувото одлагалиште“ е една од најзначајните иновации во рударството, која ги елиминира ризиците по животната средина. Светските експерти го поздравуваат новиот метод кој го користат одговорните рударски компании за да ги заштитат еколошките системи. Во обемната анализа „Модерна одржливост на рударството: Интегрирана рамка за технолошки иновации“, објавена во специјализираното научно списание „ScienceDirect“, експертите јасно потенцираа дека глобалниот индустриски стандард за управување со јаловина воведен во 2020 година сега воспоставува строги упатства за безбедноста на јаловината. Односно, за разлика од класичните, „влажни“ јаловишта кои изгледаат како големи езера полни со течна кал, вода и токсични материи, кај сувото јаловиште важат поинакви правила. Наместо влажен, се добива сув материјал, кој изгледа како влажен песок или земја, може да се оформи во вид на цигли и се носи до место за отпад.
Компанија која во Македонија најави дека би го имплементирала овој најсовремен метод, односно ќе користи суво јаловиште, е „Еуромакс ресоурцес“. Компанијата е инвеститор во рудникот за бакар во Иловица. Тие кон крајот на 2023 година испратија писмо до Министерството за животна средина во кое потенцираа дека ќе користат засилени мерки за заштита на животната средина.
„Нашиот проект вклучува создавање одлагалиште на јаловина со поголема густина (со содржина од околу 65% цврсти материи), што е подобрување за разлика од традиционалното одлагалиште на јаловина кое содржи приближно 50% цврсти материи. Во текот на изминативе години, преку примената на ‘суво’ одлагалиште на јаловината (со содржина од околу 90% цврсти материи или 10% вода) се подобри методот на таложење на јаловината. Намалените оперативни трошоци комбинирани со посигурна технологија го направија ова производство да биде изводливо за операции од големи размери како што е и проектот Иловица-Штука“, напишаа инвеститорите.
Тие во текстот додадоа дека сувото одлагалиште на јаловината е потенцијал кој ќе овозможи повторно моделирање на постоечкиот проект, со што по автоматизам ќе има потенцијално намалување на влијанието од проектот и со тоа подобрување на заштитата на животната средина.
„Со примена на оваа нова технологија, претпоставувајќи дека истата е технолошки и економски изводлива, ќе може да се добијат значајни придобивки за локалната заедница: намалување на загубите на вода од рудникот, намалување на вкупниот опфат на Одлагалиштето на флотациската јаловина и подобрување на истовремената рехабилитација и рекултивација на долните делови на насипот“, се истакнува во писмото на компанијата.
Инаку, во анализата на светските експерти се нагласува дека рударството влезе во ера на значителна трансформација предизвикана од двојниот притисок за задоволување на растечката побарувачка за минерали и усогласување со построгите барања за одржливост.
„Сувото редење на јаловината и отстранувањето на јаловината во јамата се истражуваат како методи за намалување на ризикот. Намалувањето на генерирањето јаловина уште во изворот, преку подобрено сортирање на рудата и ефикасноста на преработката, е технолошко решение кое директно се справува со еколошките прашања. Некои компании, исто така, преработуваат стара јаловина за да добијат дополнителни метали. На пример, преработката на јаловина со модерни техники може да ги отстрани загадувачите, да го намали обемот на опасен материјал и да даде дополнително производство на минерали“, пишува во анализата „Модерна одржливост на рударството: Интегрирана рамка за технолошки иновации“.
Во неа се додава дека како што светот се насочува кон обновлива енергија и електрифициран транспорт, побарувачката за одредени рударски материјали, како што се бакар, литиум, кобалт и никел за батерии и мрежна инфраструктура, нагло расте.
„Како резултат на тоа, рударската активност може да се зголеми токму кога истовремено емисиите мора да се намалат. Оваа дихотомија е формулирана како улога на рударството во овозможувањето на транзицијата кон чиста енергија, а воедно се осигурува дека самото рударство станува почисто, понекогаш опишано како уверување дека „зелените минерали се рударат на зелен начин“, се додава во анализата.
Според експертите, како што светот преминува кон економија со ниски јаглеродни емисии, се предвидува дека побарувачката за минерали, од бакар и никел до ретки земни елементи и литиум, ќе се зголеми четирикратно до 2040 година, надминувајќи го сегашниот капацитет за рударство.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
