Сите лица кои биле повредени во синоќешното невреме навремено добиле медицинска помош и се згрижени, информира министерот за здравство Сашо Клековски, посочувајќи дека здравствените установи низ државата функционирале непречено и покрај последиците од невремето.
Во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“ во Скопје лекарска помош побарале 22 лица, при што двајца пациенти биле задржани на болничко лекување. Во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, на Одделот за трауматологија, биле примени 11 лица, од кои тројца се здобиле со скршеници. Според Клековски, сите повредени се во стабилна состојба.
Невремето предизвикало и материјална штета на неколку здравствени установи. Во ГОБ „8 Септември“ е оштетен дел од старата кровна конструкција, но нема повредени и болницата продолжува да работи нормално, додека се врши процена на штетата.
Поголеми оштетувања има на кровната конструкција на Клиничката болница во Штип, каде што се зафатени Одделот за ортопедија и ортопедската операциона сала. До целосната санација, пациентите со скршеници од Источниот регион привремено ќе бидат упатувани во други здравствени центри, а хоспитализираните пациенти се преместени во безбедниот дел од болницата. Останатите медицински услуги се одвиваат без прекин.
Паднати дрвја се регистрирани и во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во Психијатриската болница во Бардовци, но во двата случаи нема повредени лица. Во Бардовци бил евидентиран и краткотраен прекин на електричната енергија, кој во меѓувреме е отстранет.
Министерот Клековски информира дека оштетените објекти се осигурени и дека осигурителните компании веќе вршат процена на штетата, по што ќе започне обновата на оштетените кровни конструкции.
Тој упати благодарност до лекарите, медицинските сестри, техничарите и останатиот здравствен персонал за нивната посветеност и професионалност за време на невремето, како и до градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, и директорите на здравствените установи за брзата реакција.
Tagged as:
СИТЕ ПОВРЕДЕНИ ВО НЕВРЕМЕТО СЕ ЗГРИЖЕНИ И ВО СТАБИЛНА СОСТОЈБА
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
