Гостивар без вода за пиење, институциите без одговор: Труење или сериозно кривично дело?
Врска настанот во градот Гостивар, каде за само неколку дена се регистрирани над илјада граѓани со стомачни симптоми, поставува повеќе прашања отколку одговори. Според официјалните податоци, само во последните 24 часа во Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ биле прегледани 260 нови пациенти, од кои значителен дел деца. Бројката на вкупно засегнати граѓани веќе го надминува износот од 1.200 лица.
Основното сомневање на надлежните е дека станува збор за загадување на водата за пиење, поточно за нелегално поставени пумпи преку кои во градската водоводна мрежа наводно била внесувана непрочистена вода од реката Вардар, со цел вештачки да се зголеми притисокот во системот. Полицијата веќе отвори постапка за кривичното дело загадување на вода за пиење, предвидено во членот 219 од Кривичниот законик, кој предвидува затворска казна за сторителот доколку истрагата го докаже делото.
Загадување на водоснабдителниот систем или нешто повеќе?
Прашањето кое веќе недели наназад го поставуваат граѓаните е дали навистина се работи само за загадување на вода за пиење, или пак постапката треба да се квалификува и како потежок облик на загрозување на јавната безбедност, со оглед на бројот на засегнати лица, брзината на ширење и повредливоста на цел еден град кој останал без безбедна вода за пиење.
Дали навистина може да стане збор за терористички чин, е прашање кое повремено се провлекува во јавноста, но за таква квалификација засега нема официјална потврда од обвинителството. Ваквите тврдења остануваат во доменот на шпекулации, додека надлежните органи не објават конкретни докази во таа насока.
Аденовирус или паника без покритие
Во јавноста, а особено на социјалните мрежи, се провлекуваше и тезата дека можеби станува збор за епидемија од аденовирус. Меѓутоа, лекарите од Центарот за јавно здравје во Гостивар велат дека според првичните наоди и клиничката слика, поверојатно се работи за сезонски вирози, без потврдена епидемиолошка поврзаност со било кој конкретен патоген. Логички гледано, доколку навистина станува збор за висококонтагиозен вирус со ваков обем на зараза, во услови на секојдневно движење на луѓе и стока кон другите градови, ширењето веќе одамна ќе го надминало Гостивар. Фактот дека тоа сепак не се случило, оди во прилог на тезата дека проблемот е локализиран, поврзан со водоснабдителниот систем, а не со вирусна пандемија на национално ниво.
Каде се институциите додека граѓаните боледуваат
Она што останува отворено, а веројатно и најболно прашање, е зошто реакцијата на системот дојде дури откако бројот на заболени пораснал на илјадници. Агенцијата за храна и ветеринарство побара вонредни контроли на водата дури откако веста веќе циркулираше јавно, а Основното јавно обвинителство Гостивар соопшти дека презема истражни дејствија откако проблемот веќе прерасна во тема од национален интерес.
Граѓаните основано прашуваат, што правеле надлежните институции, вклучително и органите на прогон,посебно Агенцијата за национална безбедност АНБ, во деновите додека бројката на заболени растела од десетина, до стотици, па до илјада и повеќе лица. Секое одложување во ваков случај не е само административен пропуст, туку директен ризик по здравјето на илјадници луѓе, меѓу кои и голем број деца.
Официјалната верзија, засега, оди во насока на кривично дело загадување на вода за пиење, а не терористички акт или епидемија од непознат вирус (што е исклучено). Сепак, обемот на настанот, бавната институционална реакција и отсуството на јасна и навремена комуникација кон јавноста, оставаат простор за сомнежи и шпекулации, кои можеа да се избегнат со поголема транспарентност уште на самиот почеток. Јавноста очекува целосна и брза истрага, со јасно утврдување на одговорност, без разлика дали таа ќе заврши со потврда на почетната квалификација или со потешко кривично дело.
Сашо Денеосвски
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
