Лекарите му рекле дека му остануваат само неколку месеци живот, но Стаматис Мораитис живеел уште речиси 40 години. Гркот се вратил на родната Икарија за таму да ги помине последните денови, а островскиот живот му донел сосема поинаква приказна.
Мораитис тогаш имал околу 60 години и со децении живеел во Соединетите Американски Држави. Проблемите со дишењето првично ги поврзувал со срцето, но прегледите покажале терминален рак на белите дробови.
Неколку лекари ја потврдиле истата тешка прогноза, пишува во сторијата на Грик Репортер.
Мораитис можел да остане во САД и да почне агресивна терапија. Наместо тоа, одлучил да се врати на островот каде што бил роден. Сакал последните месеци да ги помине со блиските и да биде погребан во семејната гробница.
Првите денови речиси не станувал од кревет. Потоа почнале да го посетуваат пријателите од детството. Разговарале со часови, пиеле домашно вино и ги обновувале старите спомени.
Шест месеци подоцна, Мораитис сè уште бил жив.
Неговата состојба постепено се подобрувала. Повторно почнал да оди низ селото, да ја обработува земјата и да поминува време во локалното кафуле. Градината се ширела, а куќата ја доградил за да можат да го посетуваат неговите деца и внуци од Америка.
Месеците станале години, а прогнозата што ја добил во САД не се остварила.
Нема целосна медицинска документација што би објаснила што точно се случило со неговата болест. Самиот Мораитис, сепак, имал едноставно објаснување.
„Не сум лекар, но мислам дека виното помогна.“
Икарија често се вбројува меѓу светските „сини зони“, места познати по висок број долговечни жители. Животот на островот се поврзува со медитеранска исхрана, секојдневно движење, силни семејни врски и со помалку стрес.
Мораитис верувал дека му помогнале природната храна, билките, работата на отворено и домашното вино. Не сакал индустриски произведено вино. Во рестораните носел свое и тврдел дека така избегнува конзерванси.
Стаматис Мораитис починал на 2 февруари 2013 година. Официјално имал 98 години, иако самиот тврдел дека е четири години постар.
Четири дена подоцна бил погребан во семејната гробница на Икарија, каде што се вратил речиси четири децении порано мислејќи дека му остануваат само неколку месеци живот.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
