Во тек е најсеопфатниот мониторинг на квалитетот и количеството на водите во сливот на реката Вардар, кој опфаќа повеќе од 80 отсто од водните тела во државата. Стручни тимови од Управата за хидрометеоролошки работи вршат теренски мерења, земаат примероци од површински и подземни води и спроведуваат лабораториски анализи на вкупно 170 локации.
Мониторингот се реализира според нова национална програма за следење на водите, која ги утврдува мерните места, параметрите и методологијата за анализа на квалитетот и количеството на водните ресурси.
Програмата е изработена од Швајцарската програма за управување, користење и заштита на води, во соработка со УХМР и меѓународни експерти. Таа е дел од поширока Стратегија за мониторинг на води, чија цел е зајакнување на институционалните и техничките капацитети на УХМР за долгорочно следење и управување со водните ресурси.
Станува збор за важен чекор кон воспоставување модерен систем за управување со водите, заснован на научни податоци и усогласен со Законот за води и Рамковната директива за води на Европската Унија.
– Квалитетниот и сеопфатен мониторинг на водите во државата е главен предуслов за ефикасно и одржливо управување со водните ресурси, чија вредност е непроценлива за луѓето, земјоделството, економијата и целокупниот екосистем. Нашите тимови во овој период работат на терен, каде што земаат примероци од вода од различни локации низ државата. Резултатите ќе покажат каква е состојбата на водите, кои се главните предизвици и кои мерки се потребни за нивна заштита – изјави директорот на УХМР, Игор Лазаровски.
Надзорниот мониторинг треба целосно да заврши до крајот на годината. Ќе бидат опфатени 80 локации од кои ќе се земаат примероци од површински води, како и 90 мониторинг станици за подземни води во сливот на Вардар.
За поефикасно спроведување на активностите, Програмата за води ѝ донираше на УХМР 14 пиезометри – мерни инструменти наменети за следење на состојбата на подземните води.
Дополнително, капацитетите на УХМР се зајакнати со модерна лабораториска опрема и две возила, во вкупна вредност од околу 250.000 швајцарски франци.
– Една од главните цели на Програмата за води е унапредување на капацитетите на клучните институции кои се грижат за заштитата на водните ресурси, но и придонес кон одржливо управување со водите во согласност со стандардите на Европската Унија – изјави Јан Квиатковски, тим лидер на Програмата за води.
Собраните податоци ќе овозможат детална анализа на состојбата на водните ресурси, идентификување на проблематичните подрачја, како што се загадувањето и недостигот на вода, како и подготовка на конкретни мерки за нивна заштита.
Резултатите од мониторингот ќе бидат основа и за изработка на првиот План за управување со сливот на реката Вардар, стратешки документ што ќе ги дефинира идните политики и мерки за управување со водите во согласност со барањата на Рамковната директива за води на Европската Унија.
Спроведувањето на мониторингот е овозможено со национално кофинансирање од околу 440.000 швајцарски франци, обезбедено од Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Дополнителните средства се обезбедени од Швајцарија преку Програмата за управување, користење и заштита на води.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
