Случајот со незаконското вработување и унапредување на Сашо Славески, брат на актуелниот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, добива нови детали кои дополнително ја разгоруваат јавноста.
Пред да се вработи во М-НАВ, Сашо Славески работел во ТАВ Македонија, компанијата која управува со аеродромот во Охрид. Само седум дена пред да биде примен во М-НАВ, тој поднел отказ во ТАВ Македонија, при што при заминувањето инкасирал отпремнина од над 20.000 евра. Времето на овие настани, отказ една недела пред вработувањето во јавно претпријатие, наведува на сомнеж дека целиот процес бил однапред договорен, а не резултат на редовна селекција или конкурс.
Според досегашните наводи на опозициската СДСМ, Управниот одбор на М-НАВ на 19 февруари 2025 година донел одлука со која Славески е префрлен од работно место обезбедувач на имот во Охрид на позицијата помошник за обука и координација во Одделението за воздухопловни информации, во Секторот за воздухопловна навигација. Со трансферот, неговата плата се удвоила, од околу 50.000 на приближно 100.000 денари месечно. За период од 14 месеци, тоа значи дека му биле исплатени над 7.000 евра повеќе отколку што би заработил на претходната позиција.
Јавноста дозна за случајот дури неодамна, откако членовите на Управниот одбор кои ја донеле спорната одлука, идентификувани како Владимир Ристески, Милан Кораќ и Фатмир Зимбери, добија кривична пријава за злоупотреба на службена положба и несовесно работење во службата.
Целата хронологија, вработување во приватна компанија со голема отпремнина, отказ буквално неколку дена пред влез во јавно претпријатие и потоа стрелско унапредување на функција со двојно повисока плата, го отвора прашањето колку систем воопшто постои во кадровската политика на институциите поврзани со државата. Кога единствениот видлив критериум за напредување е родбинска врска со високофункционер, стручноста, искуството и редовната постапка стануваат само формалност на хартија.
Основното јавно обвинителство веќе постапува по пријавата, а до крајна одлука ќе се знае дали постапувањето на Управниот одбор на М-НАВ претставува кривично дело или само уште еден пример за тоа како партиски и семејни врски ги надминуваат правилата во јавниот сектор.
С.Д.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
