Background

Каде погреши државата со туризмот, Охрид празен на врвот на сезоната, додека милионите од затворената агенција остануваат без истрага

Десети јули, среде летото, а Охрид, најголемиот туристички бренд на државата, е буквално празен. Според актерите од угостителството и хотелиерството, пополнетоста на капацитетите во градот на 10 јули изнесува околу 30 отсто, бројка која на прв поглед звучи неверојатно за дестинација која со децении живее од туризмот. Прашањето кое сè повеќе се поставува во јавноста не е дали туризмот е во криза, туку како државава успеа да го доведе токму до овде, во сезона кога капацитетите требаше да пукаат по шевовите.

Субвенцијата од 60 евра, идеја која бара преиспитување

Во основата на дел од проблемот стои владината мерка со која се субвенционираат туристички агенции со по 60 евра за секој донесен гостин од Турција, преку организирани кружни тури реализирани од компании како Караџа и ДМЦ Балкан. Идејата на хартија звучеше добро, зголемување на бројките, полнење на статистиките, промоција на земјата како дестинација. Во пракса, според многу хотелиери и туроператори, ефектот е поразличен и во голем дел контрапродуктивен.

Дел од овие гости патуваат во рамки на пакет аранжмани каде сместувањето е веќе платено однапред, најчесто на база full board, односно со сите оброци вклучени во цената на турата. Тоа значи дека откако ќе пристигнат во Охрид или во друг центар, тие практично не трошат дополнителни пари, не купуваат ни вода надвор од пансионот, а камоли да користат локални ресторани, сувенирница, изнајмување возила или дополнителни екскурзии. Приходот кој останува во локалната економија, надвор од самата субвенција исплатена од буџетот, е минимален,никаков.

- Advertisement -
Ad image

Понатаму, значителен број хотелски комплекси и туристички центри воопшто не сакаат да ги примаат овие групи, поради лошо искуство со однесувањето и организацијата на турите. И покрај тоа, поради самата структура на субвенцијата, овие гости на некој начин станаа „ВИП гости” во делови од Охрид и Македонија, добивајќи приоритет и внимание кои традиционалните, платежоспособни гости веќе не го добиваат во иста мера. Во исто време, во голем дел сместувачки капацитети, ваквите групи создаваат логистички хаос, преоптоварување на капацитетите во кратки временски прозорци, без реален финансиски ефект кој би го оправдал тоа оптоварување.

Кого изгубивме додека трчавме по кружните тури

Додека ресурсите и вниманието на институциите беа насочени кон бројки и кружни тури, традиционалните пазари кои со децении го носеа охридскиот и македонскиот туризам почнаа забележливо да стагнираат или директно да опаѓаат. Гостите од Србија, Полска, Холандија и Чешка, категории кои традиционално трошеле повеќе, останувале подолго и користеле поширок спектар на услуги, денес се значително помалку присутни во туристичката понуда на земјава.

Овие пазари бараат континуирана промоција, учество на саеми, директни авионски и автобуски линии, домаќинска инфраструктура и конзистентен туристички производ. Кога фокусот и субвенциите се пренасочуваат кон еден единствен извор на бројки, останатите пазари неизбежно трпат, бидејќи промотивниот буџет и институционалниот капацитет не се бесконечни. Резултатот денес се гледа буквално на терен, во празни хотелски соби во разгарот на сезоната.

Агенцијата се затвора, ревизијата зборуваше, истрага нема

Во меѓувреме, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, институцијата која требаше да биде столб на туристичката промоција на државата, се гаси, а нејзините надлежности и ресурси се префрлаат кон Министерството за култура и туризам. Официјалното образложение зборува за „институционално унапредување на туристичките политики” и „зголемена ефикасност”, но затворањето доаѓа веднаш откако Државниот завод за ревизија, во ревизијата на финансиското работење на Агенцијата за 2023 година, констатираше сериозни слабости во планирањето, спроведувањето на програмските активности, управувањето со средствата и почитувањето на законската регулатива.

Ревизијата покажа и нерамномерна распределба на средствата, односно намалување на парите наменети за клучните функции на Агенцијата, промоцијата и поддршката на туризмот, за сметка на значително зголемување на средствата токму за субвенционирање на странски туристички промет. Со други зборови, институцијата чија основна задача беше промоција, сè повеќе се претвораше во машина за исплата на субвенции, без јасна и мерлива корист за секторот како целина.

И покрај овие наоди на државната ревизија, до денес не е познато јавноста да е информирана за отворена кривична истрага за наводните милионски злоупотреби поврзани со работењето на Агенцијата. Институцијата се гаси тивко, персоналот и ресурсите се префрлаат, а прашањето каде точно завршиле парите и зошто контролата изостанала со години, останува без конкретен, официјален одговор. Тишината околу одговорноста е можеби најзагрижувачкиот дел од целата приказна, бидејќи гаснење на институција не значи и затворање на прашањето за сторените пропусти.

Чергарски туризам наместо одржлив туризам

Она што го добивме со оваа стратегија е привремено, статистичко зголемување на бројот на пристигнувања, без реален економски ефект во локалните заедници. Она што го изгубивме е многу поскапо, континуитетот со традиционалните, платежоспособни пазари, довербата на хотелиерите во сопствената држава и репутацијата на Охрид како премиум дестинација.

Наместо да се гради одржлив, диверзифициран туристички модел, чинови на институциите во последните години наликуваат на градење на она што дел од стручната јавност веќе го нарекува „чергарски туризам”, масовно, ниско платежно, краткотрајно движење на гости кои не оставаат трага во локалната економија, наспроти гости кои доаѓаат, остануваат подолго и трошат повеќе.

Прашањето кое треба да си го постави секој нареден министер задолжен за туризам не е како да се зголеми бројката на пристигнувања за неколку проценти преку субвенции, туку како да се врати довербата на традиционалните пазари, како да се обезбеди транспарентност и одговорност во трошењето на јавните пари наменети за промоција, и како институционалниот хаос да не биде цената која ја плаќаат хотелиерите, локалните заедници и на крајот, целата држава.

Сашо Денесовски-Охридскај

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation