Фондот за здравствено осигурување на Македонија продолжува со мерките за намалување на трошоците за лекови и подобрување на пристапот на осигурените лица до современа терапија. Преку проширување на Позитивната листа и воведување генеричка конкуренција, Фондот создава услови за пониски цени, поголема достапност на лековите и поефикасно користење на јавните средства.
Во одредени терапевтски групи, цените на лековите во Македонија сè уште се повисоки во споредба со дел од земјите во регионот. Покрај објективните ограничувања што произлегуваат од големината на домашниот пазар, постојат механизми преку кои може значително да се влијае врз намалувањето на цените на лековите.
Фондот ги применува двата најважни механизми:
• воведување нови лекови на Позитивната листа;
• поттикнување генеричка конкуренција, согласно препораките на Светската здравствена организација.
Во текот на изминатиот месец беа реализирани двете мерки. На Позитивната А листа се воведени три антикоагулантни лекови, а во две терапевтски групи е воспоставена генеричка конкуренција.
Ривароксабан – значително пониски трошоци за пациентите
Лекот Ривароксабан за првпат е достапен преку Позитивната листа. За терапија чија цена изнесува околу 2.200 денари, пациентите досега плаќаа околу 475 денари партиципација и доплата. Од наредната година нивното учество ќе изнесува само 160 денари.
Истовремено, цената на лекот е речиси преполовена, што претставува конкретен пример како конкуренцијата и политиките на Фондот директно придонесуваат за намалување на трошоците и за поголема достапност на терапијата.
Беклометазон/формотерол – повеќе избор, без дополнителен трошок
Кај инхалаторната терапија за астма и хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ), со воведувањето нов конкурентен бренд со ист состав и иста дозажа, произведен во земја членка на Европската Унија, се воспоставува генеричка конкуренција.
Како резултат на тоа, референтната цена по пакување се намалува од 2.715 денари на 1.915 денари (со вклучен ДДВ).
За пациентите ова значи дека во истата терапевтска група веќе е достапен лек без доплата. Намалувањето на референтната цена не претставува дополнителен финансиски товар за осигурените лица.
Воедно, производителот на лекот „Фостер“ официјално ја прифати новата референтна цена, која ќе започне да се применува по исцрпувањето на веќе испорачаните количини. По усогласувањето на цената, и „Фостер“ ќе биде достапен без доплата, со законски утврдена партиципација од 280 денари.
Заштедите ќе се инвестираат во нови терапии
Според анализите на Фондот, доколку новата референтна цена се примени врз обемот на издадени рецепти во текот на 2025 година (57.441 рецепти, во вкупна вредност од 166,7 милиони денари), се очекуваат годишни заштеди од 46 до 49 милиони денари.
Овие средства ќе овозможат воведување нов трикомпонентен лек од истата терапевтска група, со што пациентите ќе добијат пристап до уште посовремена терапија без дополнително финансиско оптоварување.
Фондот за здравствено осигурување останува посветен на обезбедување достапни, квалитетни и финансиски одржливи лекови и здравствени услуги, преку политики што истовремено ги штитат интересите на осигурениците и обезбедуваат рационално користење на јавните средства.
– Нашата цел е едноставна – пациентите да плаќаат помалку, а со истите јавни средства да обезбедиме повеќе и поквалитетни здравствени услуги. Секоја заштеда што ја остваруваме преку конкуренција и рационално управување ја враќаме назад во здравствениот систем, преку воведување нови терапии и подобра здравствена заштита за осигурениците – Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.
По објавувањето на измените на Позитивната листа, Фондот регистрираше бројни прашања и дилеми од осигурениците, избраните лекари и аптеките, особено во врска со лекот „Фостер“, воведувањето на генеричката конкуренција и начинот на кој овие измени ќе се применуваат во пракса.
Со цел навремено, транспарентно и прецизно информирање на јавноста, директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, подготви кратко видео во кое дава јасни одговори на најчесто поставуваните прашања и ги појаснува клучните придобивки од новите мерки.
За оние кои сакаат подетално да се информираат, на следниов ЛИНК е достапна и целосната прес-конференција на директорот на Фондот.


