Претседателот на САД, Доналд Трамп, одржа говор во Националниот меморијален центар на планината Рашмор по повод одбележувањето на 250-годишнината од американската независност, во кој ја нагласи историската улога на САД, нивниот политички систем и глобалното влијание, комбинирајќи историски осврт со остри идеолошки пораки.
Во своето обраќање, Трамп ја претстави Америка како уникатен проект во светската историја, истакнувајќи дека не постои друга држава со сличен развоен пат и резултат.
– Во сите анали на времето, ниедна нација не прославила толку величествен триумф како овој – оној во кој учествуваме токму сега. На 250 години, Америка е најстарата република на Земјата. Ние сме најслободните луѓе на Земјата. Имаме најправеден и најтраен устав на Земјата- рече Трамп, додавајќи дека – нема ништо како она што го правиме ние.
Тој нагласи дека американскиот успех не е историска случајност, туку резултат на културен и институционален модел кој, според него, е единствен во светот.
– Тоа што го создадовме во оваа земја не е природниот поредок на светот. Тоа не е норма. Тоа е исклучок. Тоа е ретко. Тоа е бесценето. И тоа е навистина чудесно – истакна американскиот претседател.
Во говорот Трамп се осврна и на историската основа на американската држава, нагласувајќи дека револуцијата и Декларацијата за независност претставуваат пресвртница што сè уште го обликува американскиот идентитет.
– Зборовите на нашата Декларација за независност предизвикаа земјотрес кој одекнуваше низ вековите. Тие започнаа револуција која никогаш не заврши и продолжува и денес – рече тој.
Во делот од говорот посветен на вредносниот систем на САД, Трамп ја нагласи идејата дека американската слобода не опстанала само како правен документ, туку како културен и национален дух.
– Мора да се сетиме и никогаш не смееме да заборавиме дека американската слобода не преживеа 250 години само благодарение на зборовите на хартија. Слободата триумфираше благодарение на културата и карактерот на луѓето кои ја прогласија, ја бранеа и ја зачуваа- порача тој.
Трамп се осврна и на американскиот идентитет, нагласувајќи дека земјата се темели на одреден сет на вредности и карактерни особини.
– Американците секогаш сакаат мир и ред, но ние никогаш нема да се откажеме пред опасност или закана. Секогаш ќе се бориме, ќе се бориме и ќе победуваме – и ќе победуваме, ќе победуваме и ќе победуваме – рече Трамп, додавајќи дека – тоа е нашата култура, тоа е нашиот карактер-
Во политичкиот дел од обраќањето, тој повторно се осврна на комунизмот, кој го претстави како идеолошка закана за американскиот систем и вредности.
– Комунизмот претставува смртна закана за американската слобода. Тој е најголемата закана за нашата земја – поголема од Првата светска војна, Втората светска војна, Перл Харбор, па дури и нападите од 11 септември- рече Трамп, додавајќи дека – никогаш нема да дозволиме тоа да се случи-
Тој продолжи со критика на комунистичките системи, опишувајќи ги како историски неуспешни и деструктивни.
– Тоа е идеологија на масовна кражба, масовна контрола, масовни лаги и масовни убиства. На ваквите доктрини не смее да им се даде никаков простор- нагласи американскиот претседател.
Во завршниот дел од говорот, Трамп ја истакна американската историја на технолошки и културни достигнувања, наведувајќи дека САД стојат зад голем дел од современите светски иновации и развој.
– Ние сме нацијата што сонуваше и го создаде модерниот свет. Ги изградивме железничките пруги, облакодерите, ја скротивме електричната енергија и ја измисливме сијалицата, телефонот, авионот, компјутерот, интернетот, GPS-от и паметниот телефон – рече тој.
На крајот од обраќањето, Трамп порача дека американската позиција во светот останува доминантна и дека иднината на земјата е продолжение на нејзината историска сила.
– Изградивме најсилна и најмоќна војска. Победивме во две светски војни и во Студената војна. Секој крал, секој премиер, секој претседател – сите нè почитуваат повеќе од која било друга земја – рече Трамп, додавајќи: – Најдоброто допрва доаѓа.
Во 2026 година Соединетите Американски Држави ја одбележуваат 250-годишнината од потпишувањето на Декларацијата за независност на 4 јули 1776 година – настан што го означи раѓањето на државата. Јубилејот, познат како „Semiquincentennial“, се одбележува со национални церемонии, историски реконструкции, образовни програми и културни настани низ целата земја, со цел да се истакне развојот на американската република низ два и пол века.
Во Вашингтон и поголемите градови се одржуваат централни настани со учество на претседателот, Конгресот и воените сили, додека во многу градови се организираат и „патриотски пикници“, јавни читања на Декларацијата за независност и симболични маршеви со знамиња.
Особено значајни се и локалните заеднички активности – училиштата и универзитетите организираат образовни програми за американската историја, а телевизиските мрежи емитуваат специјални документарци за развојот на државата низ 250 години.




