Неколку милиметри, еден речиси невидлив допир и микрочип скриен во топката ја решија една од најдраматичните елиминациски пресметки на Светското првенство. Хрватска беше на чекор од продолженија против Португалија, но технологијата пресуди поинаку.
Во 103-тата минута, Јошко Гвардиол ја затресе мрежата за 2:2. Хрватските фудбалери веќе славеа, а трибините експлодираа. Неколку минути подоцна следуваше студен туш, голот беше поништен, а Португалија остана во играта што ја однесе во осминафиналето.
Португалија поведе со голот на Гонсало Рамос во четвртата минута од судиското продолжение. Само неколку моменти подоцна Хрватска тргна на сè или ништо.
Акцијата започна по центаршут на Иван Перишиќ од левата страна. Во продолжението Игор Матановиќ ја префрли топката кон шеснаесетникот, а потоа таа заврши кај Марио Пашалиќ.
Токму таму беше клучниот детал.
Пашалиќ се наоѓал во офсајд позиција во моментот кога Матановиќ ја допрел топката. Норвешкиот судија Еспен Ескас прво го призна голот, но по ВАР проверката ја смени одлуката.
По натпреварот ФИФА објави детално објаснување за спорната ситуација.
„Според податоците обезбедени од технологијата Connected Ball вградена во официјалната топка, потврдено е дека Игор Матановиќ имал контакт со топката на почетокот на акцијата, што овозможи правилно да биде досуден офсајд и да се поништи голот“, соопшти ФИФА.
Системот користи сензори поставени во топката. Тие регистрираат дури и најмал контакт и веднаш испраќаат податоци до ВАР системот.
На телевизиските снимки ФИФА ја прикажа и карактеристичната графика налик на срцев ритам, која го означува точниот момент на допирот.
Португалските медиуми веднаш ја прогласија оваа ситуација за една од најважните технолошки интервенции на турнирот.
Весникот „А Бола“ оцени дека токму технологијата ја спасила Португалија од продолженија.
Според нив, допирот на Матановиќ бил речиси невозможен за забележување со голо око, но бил доволен системот автоматски да ја потврди офсајд позицијата.
За Португалците тоа значеше осминафинале. За Хрватите, крај на турнирот.
Иако беше елиминирана, хрватската репрезентација доби бројни пофалби од домашните медиуми.
„Индекс“ објави колумна со наслов „Браво Хрватска“, оценувајќи дека селекцијата го одиграла едно од најдобрите офанзивни полувремиња во својата историја против голема репрезентација.
Во анализите се истакнува дека тимот на Лука Модриќ создал бројни шанси, играл храбро и до самиот крај се обидувал да го сврти резултатот.
Наместо продолженија, Хрватска доби сурова лекција дека на модерните турнири понекогаш и најмалиот допир може да одлучи натпревар.
По последниот свиреж следуваше сцена која брзо го обиколи светот.
Кристијано Роналдо му пријде на Лука Модриќ и долго го прегрна својот поранешен соиграч од Реал Мадрид.
Додека Португалците славеа пласман понатаму, Модриќ тешко го криеше разочарувањето по една од најдраматичните вечери на шампионатот.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
