Рударството бележи нов пад, а се намалува и бројот на рудари во земјава. Последните статистички податоци не се поволни за рударската индустрија, иако таа значително придонесува и за извозот на земјата. Во државава постојат само четири рудници за металични суровини, а новите инвестиции, меѓу кои и за рудник за бакар во Иловица, постојано се блокираат.
„Индустриското производство во секторот Рударство и вадење камен во мај 2026 година, во однос на мај 2025 година, бележи опаѓање од 3,6%“, покажуваат последните индекси за индустриско производство.
Дополнително, постојат информации дека одредени рудници веќе ги исцрпуваат своите капацитети, па не се исклучува можноста стотина рудари да останат на улица. Покрај ова, бројот на вработени во гранката и онака продолжува да се намалува.
„Бројот на работниците во мај 2026 година, во однос на мај 2025 година, во секторот Рударство и вадење камен се намалил за 7,3%“, се наведува во индексите на бројот на работниците во индустријата за мај 2026 година на Државниот завод за статистика.
Од друга страна, повеќе инженери и експерти од областа повикуваат да се стимулира оваа крупна индустриска гранка. Тие оценуваат дека проектот за рудник за бакар во Иловица е сериозна инвестиција во македонската економија.
Меѓу нив е и рударскиот инженер Борче Фиданчев кој претходно во колумна оцени дека рудникот може да опстојува без да остварат стравувањата на активистите по однос на влијанието врз земјоделието.
– Mоже да се заклучи дека со проектот „Еуромакс Ресорсис Иловица-Штука“, нема да се загадува плодниот струмички регион, а ќе има услови за паралелен заеднички развој на „Земјоделство“ и „Модерно-Одговорно Рударство“, како многу важен сегмент за државниот стратешки „брз економски одржлив развој – вели во колумна Фиданчев.
Тој оценката ја донесе и врз основа на анализа на компанијата „Фаланкс капитал“, која тогаш ги анализира показателите за рударската гранка од 2018 година.
„Рударството вработува околу 6,500 луѓе (со просечна нето месечна плата од 486 евра или 68% повеќе од земјоделството), директно составува 1,5% (или 152 милиони евра) во БДП, нето извезува 135 милиони евра метали и плаќа 44 милиони евра во нето придонеси кон буџетот. Оваа гранка функционира без субвенции“, се наведува во „Анализа: и земјоделство и одговорно рударство за брз економски раст”, спроведена во 2018 година, кога беше актуелен проектот за рудник за бакар во Иловица.
Според оценките, предизвикот на државните институции е да се оттргнат од минатото и да се придвижат кон иднината.
„За директниот ефект по вработен во БДП земјоделството придонесува околу 6.600 евра годишно по земјоделец, а рударството е три-и-пол-кратно попродуктивно, односно околу 23.100 евра по човек. Како коефициент рударството има далеку повисок импакт врз економијата бидејќи секое едно евро активност генерира вкупно пет“, се додава во анализата на „Фаланкс капитал“.
Неодамна и универзитетскиот професор Горан Начевски потенцира дека доколку инвеститорот вложи во најсовремени технологии за заштита, проектот може да биде во функција на економијата без да ја загрози животната средина. Според него, со нереализираните инвестиции во рударството Македонија губи повеќе отколку што добива, а секое подолготрајно статус-кво носи одредена цена.
– Потребен е баланс помеѓу економските придобивки и заштитата на животната средина. Токму затоа улогата на експертската јавност е исклучително важна. Засега, дискусијата во јавноста најчесто ја водат лица кои не се од фелата, што создава простор за недоразбирања и поларизација. Во иднина очекувам поголемо присуство на универзитетските професори, металурзите, инженерите по рударство, геолозите, еколозите и другите стручни лица во јавната дебата. Прашањата поврзани со минералните ресурси се премногу значајни за да бидат сведени само на политички или емоционални расправи. Најдобрите решенија се носат кога одлуките се темелат на наука, факти и професионална експертиза. Само со стручна и транспарентна дебата може да се донесат одлуки што ќе бидат и економски рационални и еколошки одговорни – потенцира во интервју Начевски.
Тој нагласи дека значењето на проектот се огледува во можноста за отворање нови работни места, зголемување на извозот, приходи во државниот буџет, локален економски развој и интеграција на земјата во европските синџири за снабдување со критични суровини.
Tagged as:
а се намалува и бројот на рудари во земјава Рударството бележи нов пад
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
