Кал, вода и оштетен имот ги дочекаа жителите на повеќе населби во Куманово по силното невреме што вчера го погоди градот. Поплавени домови, подруми и деловни објекти беа пријавени на повеќе локации. Екипите на надлежните служби со часови работеа на отстранување на последиците.
Според Регионалниот центар за управување со кризи, најголем дел од пријавите се однесувале на навлегување вода во станбени и деловни објекти. На одредени локации нивото на водата во подрумските простории достигнало и до 1 метар, предизвикувајќи материјална штета.
Најпогодени биле локации на улиците Моша Пијаде, Бајрам Шабани, Веселин Маслеша, Гоце Делчев и 11 Октомври, како и булеварите Октомвриска револуција и Трета МУБ.
Интервенција била побарана и на улицата ЈНА, во близина на трговски центар, каде спасувачките служби работеле на справување со последиците од надојдената вода.
Жителите на погодените подрачја денеска ја проценуваат штетата, додека на дел од локациите сè уште се видливи траги од кал и наноси што ги остави невремето.
Во расчистувањето беа вклучени екипи на Територијалната противпожарна единица, јавните претпријатија „Чистота и зеленило“ и „Водовод“, како и екипи на ЕВН.
Службите извршија испумпување на водата, расчистување на погодените подрачја и активности за нормализирање на состојбата. По престанокот на врнежите започна и чистење на улиците од насобраниот песок и чакал, како и прочистување на шахтите и одводните канали.
На местата каде што дошло до излевање на фекалната канализација биле спроведени дополнителни активности за миење и дезинфекција на коловозите.
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски најави дополнителни активности за целосно расчистување на сообраќајниците и санација на оштетените градилишта по завршувањето на итните интервенции.
Додека службите ги отстрануваат последиците, жителите повторно го отвораат прашањето за атмосферската канализација и капацитетот на постојната инфраструктура.
Според нив, секој пообилен дожд ги открива истите слаби точки во градот. Недоволниот капацитет на атмосферската мрежа и проблемите со одводнувањето, велат тие, се причина поради која делови од Куманово редовно остануваат под вода.
Невремето во средата најмногу ги погоди Скопје и Куманово, додека во Црешево биле измерени 74 литри на квадратен метар.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
