Универзитетски професори, актуелни пратеници, адвокати, граѓански активисти, лекари, поранешни функционери на СДСМ и актуелен градоначалник беа дел од денешната првата дебатна средба „Разговори за иднината во 12:05“. Состанокот на иицијативата, која отвора толкувања за можни нови сериозни процеси во македонскиот опозициски блок, се одржа зад затворени врати.
Средбата ја модерираше поранешниот пратеник на СДСМ и универзитетски професор Игор Ивановски. Меѓу присутните беа Андреј Петров, Гордан Георгиев, Емилијан Станковиќ, Александар Бајдевски, пратеничките Славјанка Петровска и Моника Зајкова, градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митревски, адвокатите Звонко Давидовиќ и Валентин Пепељуговски, универзитетските професори Ненад Марковиќ и Предраг Трпевски, како и поранешни функционери и директори блиски до СДСМ, меѓу кои Милена Стевановиќ и Стојко Пауновски. Учествуваа и Љубомир Гајдов, Ивор Мицковски, Ема Нешковска, Костадин Ацевски, Драган Анастасов, Диме Велковски, Коста Начевски, Насе Насев, Бојан Столевски, Митко Андреевски, Милена Цветановска, Сретен Богоевски и Горан Стојковски – Диро, кој не беше физички присутен, туку со писмено обраќање.
Учесниците на денешните разговори донесоа повеќе заеднички заклучоци, дека прогресивната демократска јавност има потреба од суштинска, објективна дебата, која, за да ја погоди целта, мора да биде ослободена од вообичаената потреба за допадливост кон партиските авторитети. Заклучија и дека граѓаните денес живеат во реалност на неефикасна власт која за наводен политички противник си избира виртуелна опозиција. Според учесниците, сите истражувања на јавното мнение укажуваат дека македонската политичка сцена нуди, на едната страна силна владејачка партија и коалиција, а на другата страна смислено фрагментирана опозиција. Заклучија и дека опозицискиот простор не се пополнува со нови партии, туку со идеолошка и вредносна (р)еволуција.
Според иницијативата, на Македонија ѝ е потребен нов општествен договор како основа за создавање широк опозициски потенцијал за промени. Последниот заклучок е дека демократските процеси продолжуваат во насока на изнаоѓање одржливи и спроведливи решенија за иднината.
Според организаторите, иницијативата нема цел формирање нова политичка партија, туку отворање простор за нова демократска дебата за иднината на државата и на опозициското делување.
Од иницијативата посочуваат дека „Разговори за иднината во 12:05“ е нова демократска платформа за подигнување на нивото на општествената дебата, а времето на часовникот е симболична порака дека веќе е доцна, но да не де дозволи да стане предоцна за Македонија.
Учесниците припаѓаат на три неформални групи на општествени чинители. Едната група се влијателни граѓански активисти кои никогаш не биле членови на политички партии, другата група се гласни актуелни опозициски вршители на јавни функции и третата група се истакнати припадници на различни генерации на СДСМ.
Денешната прва сесија се одржа по традиционалното демократско начело „Chatham house rules“, правило за доверливост што овозможува луѓето да зборуваат поотворено на состаноци, конференции и тркалезни маси, каде учесниците смеат да ги користат информациите што ги слушнале, но не смеат да откријат кој ги кажал.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
