Станува збор за правно и уставно оправдана одлука со цел да се заштити статусот на судиите, а не да се зголемат платите во прв план, како што се толкува во јавноста, вели претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, во врска со укинувањето на законот со кој беа намалени коефициентите за пресметка на платите на уставните судии и барањето до Собранието да направи законски измени со кои би се усогласиле коефициентите за пресметка на тие плати.
– Нас како уставни судии ни е јасно дека голем дел од нашите одлуки што ги носиме се непопуларни одлуки, и ние сме свесни за тоа. Една таква одлука е и оваа одлука, но луѓето што го разбираат правото и што ги следеле нашите одлуки на оваа одлука можат да гледаат како природен след, како правно логична и уставно-правна оправдана одлука. На почетокот на годината Уставниот суд донесе одлука со чиј ефект на судиите од редовното судство им се зголемија платите од 10.000 до 12.000 денари. Ефектот на таа одлука не беше толку да се зголемат платите на судиите, туку Владата и Собранието во иднина да не можат веќе да ги намалуваат коефициентите на редовните судови. Кога ние тогаш ја донесовме таа одлука, а Уставниот суд е исто така суд по сите критериуми и ние ги уживаме истите гаранции за финансиската независност која е нераскинливо поврзана со статусната независност како судии. Ако е тоа така, природно беше да интервенираме во Законот, но повторно ќе кажам не на начин директно за коефициентите, туку статусно да се одвоиме од носителите на јавни функции од другите власти. Со последните законски решенија во Законот за избрани и именувани функционери, претседателот на Уставниот суд и уставните судии беа ставени во ист нормативен режим со Генерален секретар на Собрание, Генерален секретар на Влада, Народен правобранител. Не постои такво нешто никаде во светот, не може нормативно Законодавецот да го изедначува статусот на уставен судија со ниедна од овие власти – рече Костадиновски во гостување на Сител.
На прашањето дали Судот може на ваков начин да постапува кон пратениците, Костадиновски одговори:
– Не, не можеме апсолутно. Ние утврдивме неуставност во статусната положба на судиите затоа што, ако уставен судија го изедначувате со генерален секретар на Собрание и на Влада и ист коефициент на плати да му одредувате, зар тоа не преставува негирање уставна положба? Апсолутно претставува такво нешто и кој било уставен суд во светот ќе ви го потврди тоа. Ние донесовме одлука, исто така, на почетокот на годината и побаравме, му одредивме рок на Собранието да интервенира, Собранието не интервенираше. Оваа одлука што ја донесовме на последната седница е логична одлука. За да спречиме апсурд… Следната година, бидејќи платите на редовните судии не можат веќе да бидат намалувани, а просечната плата ќе расте, знаете каква е формулата за пресметување, за година до две, платата на основен судија ќе биде поголема од платата на уставен судија. Ако најдете сличен пример во светот јас сум спремен веднаш да заминам од Уставниот суд – рече Костадиновски.
Во врска со предметот за преименувањето на улиците и други инфраструктурни објекти во Тетово, Костадиновски рече дека иницијативата не е поднесена пред 19 години, туку минатата година и нагласи дека предметот отвора суштинско прашање за владеењето на правото.
– Со многу наши одлуки политичарите многу често манипулираат и лажат. И тоа безобзирно ги лажат граѓаните. Оваа одлука, како и многу други одлуки што Уставниот суд ги донесе, а кои се од повисоко општествено значење, т.н „балансер“, Законот за солидарен данок, Кривичниот законик, Изборниот законик…, отвара едно круцијално прашање. Каква држава ние сакаме да изградиме, дали сакаме модерна, европска, функционална, правна држава да градиме или да останеме во она како што било со децении квази правна држава? Што е квази правна држава? Тоа е држава кога е политиката е над сè, политиката е над Уставот, политичарите се над институциите, политичарите одлучуваат за правата на граѓаните, моќта е во политичарите. Ние сме за отпор против тие тенденции. „Црн ден за Албанците“, сме ги рушеле постулатите на рамковниот договор… Дали имате согласност од Владата? Немате, готово! Замислете ние да прогледавме низ прсти тогаш ние ќе имавме 80 држави во државава, 80 општини што ќе речат чекајте вие сте воспоставиле уставно судска пракса тогаш и ние можеме, не треба согласност ни за ДУП, не треба согласност ни за преименување…. тоа е правна анархија – рече Костадиновски.
Во врска со обвинувањата дека е антиалбански настроен, посои дека е веќе сум имун на таквите критики.
– Јас можам да бидам сè само не анти Албанец. Значи, на некои политичари им пречи владеењето на правото, а устите им се полни со владеење на правото, европски вредности, со европски стандарди и тоа до пладне, а попладне тераат на „балкански“ начин. Тоа е нивни проблем. Ние 35 години се вртиме во кругот на таа квази правна држава… Уставот, правото и институциите ќе бидат над сите – порача Костадиновски.
За предметот поврзан со проектот „Сејф сити“, претседателот на Судот рече дека уште не е доставен рефератот за тој предмет до него, а во моментот кога ќе биде доставен веднаш ќе се најде на седница.
За иницијативата поднесена од поранешната пратеничка Љиљана Поповска во врска со Вториот протокол од преговарачката рамка со Бугарија, Костадиновски нагласи дека Судот не калкулира.
– Нити калкулира, ниту ќе калкулира. Јавноста знае дека јас не правам компромиси со никого по ниеден предмет, па ни по овој. Што е суштината, наводите во таа иницијатива се исклучително сериозни, импликациите од решавањето на тој предмет, како и да биде решен, се многу сериозни. За ние да можеме да ја утврдиме фактичката состојба што навистина се случува, затоа што таму има наводи за повреда и на материјалната уставност, но и формален дека не е запазена процедурата, немало платформа од Владата, ние сè уште го чекаме одговорот од Владата. Бидејќи Владата ни е странка во оваа постапка, ние мораме да добиеме информација од Владата – рече Костадиновски.
Во врска со Законот за употреба на јазиците повтори дека предметот ќе биде решен кога Судот ќе биде комплетен.
– Јас имам кажано нема компромиси со никого во поглед на решавањето. Тој предмет ќе биде решен му се допаѓало тоа на некого или не и никој не треба да се плаши од решавањето на тој предмет. Многу често ги слушаме критиките кон Уставниот суд за етничко надгласување, за мајоризација, има застапници за Бадентер и во Уставниот суд и затоа имам став. Ние, без разлика на етничката припадност, не сме таму да ги штитиме етничките афилиации и имаме една едноставна задача… Најчесто албанскиот политички фактор ги обвинува мнозинството македонски судии дека сме правеле мајоризација… Јас често прашувам дајте луѓе да видиме да седнеме што ги прави правни и уставно-правни аргументи на нашите колеги, а што нашите ги прави етнички. Не е точно, обратно е – потенцираше Костадиновски.
Tagged as:
не може уставен судија да се изедначува со генсек на Влада Според Костадиновски
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
