Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната седница за пратенички прашања упати остри критики и го обвини Христијан Мицкоски дека за 2 години ниту едно ветување дадено пред граѓаните не исполни и дека ги излажа граѓаните.
„Кога баравте власт и кога граѓаните ги молевте да ви дадат доверба, ветувавте сè и сешто. Ветувавте повисок животен стандард, економско заживување, ниска инфлација, раст на платите над растот на цените, повеќе странски инвестиции, помал буџетски дефицит, умерено задолжување, поддршка на земјоделците, иднина за младите, правда, реформи и европски напредок“, рече Филипче.
Тој потсети дека истите ветувања биле запишани и во програмата „1198“, но дека денес реалноста е сосема поинаква.
„Во вашата програма 1198 и во вашето експозе едноставно ветувавте мед и млеко. И сега помина половина од мандатот. Две години. А денес вистината е сурова. Ниту едно од овие ветувања не испорачавте. Граѓаните не добија подобар живот, не добија повисок стандард, не добија функционални институции, не добија правда и не добија европска иднина“, истакна Филипче.
Тој нагласи дека наместо исполнети ветувања, граѓаните добиле поскап живот и економска несигурност.
„Што добија? Поскап живот, празни паричници, празни фрижидери, презадолжена држава, партизирани институции, тендери, лаги и изолација. Ни 10% од ветеното во програмата нема исполнето. Само лаги, изолација и партиски тендери“, рече Филипче.
Осврнувајќи се на економските показатели, претседателот на СДСМ истакна дека Владата не ги реализирала ниту ветувањата за животниот стандард и платите.
„Ветивте поголем животен стандард. Животниот стандард е намален. Сиромаштијата е зголемена. Ветивте поголеми плати, а македонските работници сега имаат најниски плати во Европа. Три минимални плати едвај ги покриваат основните трошоци за животот. И ова не го исполнивте. Нема 600 евра минимална плата. Не само што нема, не сакате ни да слушнете, ни да дискутирате за тоа.“ потенцираше Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека Владата не го исполнила ниту ветувањето за ниска инфлација и стабилни јавни финансии.
„Ветивте инфлација од 2,5 проценти, а таа е сега 4,8. Речиси двојно повисока од вашето ветување и од европскиот просек. Буџетот е пред колапс. Нема пари за ништо“, рече тој.
Во однос на задолжувањето, Филипче нагласи:
„За две години ја задолживте државата со нов дополнителен долг од 2,5 милијарди евра. Јавниот долг сега изнесува близу 11 милијарди евра. И тоа ветување не го исполнивте… Нов долг од 2,5 милијарди евра, а нема пари за плати за работниците, нема пари за мерки за граѓаните и нема пари за земјоделците. Па се поставува прашањето каде завршија милијардите од задолжувањето.“
Тој потенцираше дека не се реализирани ниту ветувањата за странските инвестиции и поддршката за стопанството.
„Ветивте зголемени странски инвестиции. За две третини, за 60% се намалени. Уште едно неисполнето ветување. Ветивте зелена карта за брз поврат на ДДВ. А државата должи близу 300 милиони евра на компаниите по основ на поврат на ДДВ. Нивната ликвидност е доведена во прашање.“ рече претседателот на СДСМ.
Филипче оцени дека Владата целосно ги изневерила и земјоделците.
„Ветивте поддршка за земјоделците… Што се случи? Не само што нема дополнителни пари, субвенциите се намалени за 40 милиони евра. Истовремено доцнат. Земјоделците нема каде да го пласираат својот род. Ветивте иднина за младите… Буквално ништо нема за младите во земјата. Секој трет човек планира да ја напушти државата. Не затоа што не ја сака Македонија, туку затоа што не гледа можност тука да живее и да напредува“, рече Филипче.
Во делот за правдата и европските интеграции, Филипче нагласи:
„Нема правда, нема буквално никакви реформи. Ветивте европски напредок… А денес европскиот пат е заглавен. Реформи нема… Земјата ја туркате во изолација.“
На крајот, Филипче оцени дека резултатот од двегодишното владеење е целосен неуспех и му постави директно прашање на премиерот Мицкоски.
„Една голема нула. Нула за реформи, за зголемување на платите, за мерки за младите, за поддршка на земјоделците, нула за европскиот пат. И сега моето прашање е просто, едноставно: Кој е крив за овие неисполнети ветувања? Кој е крив, премиере, за овие две изгубени години? Ќе излезете ли и ќе кажете пред граѓаните, отворено и искрено, дека потфрливте и дека ништо од овие ветувања не исполнивте? И немојте повторно да барате виновник. Немојте да сум виновник јас или Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Линк до видео: https://youtu.be/nRwHCaw9YqE?si=sA-RvuVaBanqZJWf
Tagged as:
ги излажавте граѓаните Филипче до Мицкоски: За 2 години ниту едно ветување не исполнивте
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
