Детската клиника во Скопје бележи најниска стапка на смртност кај хоспитализирани пациенти во историјата на Клиниката, соопшти директорот д-р Реџеп Мемеди на денешната прес-конференција.
– Универзитетската клиника за детски болести бележи значително намалување на стапката на смртност кај хоспитализирани пациенти во овие 2 години, до 300 проценти во споредба со претходните години. Според официјалните статистички податоци од информатичкиот систем на Клиниката за периодот 2014-2026 година, анализите покажуваат дека, на пример, во 2015 година процентот на починати пациенти во однос на хоспитализираните пациенти изнесувал 1,51 отсто, а во апсолутен број на смртни случаи 108, додека во 2025 година стапката на смртност паднала на 0,51 процент, што во апсолутен број на смртни случаи е 39 – информираше Мемеди.
Од 2009 година, од кога постои информатичкиот систем на Клиниката, до 2013 година, стапката на смртност била исто така висока – од 1,17 до 1,54 проценти.
– Особено охрабрувачки се споредбените резултати за првиот квартал од оваа година. Во првото тромесечие од 2026 година стапката на смртност е 0,27 проценти, што е најниско ниво во последните 17 години, и е приближно два пати пониска во споредба со претходната 2025 година – истакна Мемеди.
Пред 10 години, како што рече Мемеди, во првиот квартал од 2016 година, регистрирани биле 1.758 хоспитализирани пациенти – од кои 37 починале, што е стапка на смртност од 2,10 проценти, а во првиот квартал од 2026 година се регистрирани 1.841 хоспитализирани пациенти, а починале 5 починале, односно, стапката на смртност е 0,27 отсто. Тоа претставува намалување од 770 проценти, односно стапката на смртност е за 7,5 пати помала во споредба со пред 10 години.
– Ова значително намалување на стапката на смртност, како клучен параметар за квалитетот на медицинските услуги, е резултат на заедничката тимска посветеност и 24-часовниот ангажман на најдобрите експерти по педијатрија и целиот медицински и немедицински персонал на Детската клиника – истакна д-р Мемеди.
Овие позитивни резултати во последните две години се и плод на подобрувањето на условите во Клиниката, потенцираше директорот, на повеќе од 24 капитални проекти и стотици преземени мерки и други активности од витално значење за Клиниката и за здравјето на децата, како и плод на вработувањето и ангажирањето на нов медицински, административен и технички персонал и нивната континуирана едукација и обука.
Позитивна оценка за постигнатите резултати на Детската клиника дале и надворешните оценувачи од Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи во Македонија, во извештај издаден на 4.6.2026 година.
– Нашиот најсилен професионален и човечки мотив е животот и здравјето на децата – рече д-р Мемеди.
На новинарско прашање рече дека има недостиг на медицински сестри.
– Бидејќи не можевме со главната сестра никако да организираме сменска работа, организација на распоред за дежурства, бевме приморани привремено да направиме фузија на два оддела, за да можеме да имаме на располагање сестри кои ќе покриваат дежурства. Се работи за одделите Имунологија и Пулмологија А. Тоа е привремено решение за да го пребродиме овој период кога немаме доволен број на кадар – појасни тој.
Сепак и покрај намалениот број на капацитет за прием, не враќаат ниту еден пациент.
Директорот додаде и дека сите оддели имаат огромна фреквенција на пациенти од целата држава.
Tagged as:
Детската клиника бележи најниска стапка на смртност во историјата
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
