Министерството за внатрешни работи подготвува законски измени со кои ќе се регулира користењето на електричните тротинети, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот, најави министерот Панче Тошковски.
Тој на презентацијата на националниот проект „Прекинување на циклусот на насилство – системска превенција на семејно и врсничко насилство преку образовниот систем“ истакна дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе достави предлог-измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, изработени врз основа на препораки од експертски тимови и стручните служби на МВР.
– Ќе одиме со заострување на казнената политика и на регулативата во делот на управување со електрични тротинети, особено кај најмладите – истакна Тошковски.
Според него, анализите покажуваат дека најголем број несреќи со тротинети се случуваат кај младата популација, особено кај лица до 17 и 18 години. Тој посочи дека честото нелегално користење, возење во групи и без заштитна опрема доведува до сериозни последици.
– Нелегалното управување, возење по двајца или тројца, без кациги и без почитување на правила доведува до сериозни последици – нагласи министерот.
Тошковски додаде дека дел од измените ќе опфатат и зголемување на старосната граница за користење електрични тротинети, со цел поголема заштита на најмладите учесници во сообраќајот.
Во однос на проблемите со нелегалниот премин кај Бит-пазар, министерот информира дека ова прашање е веќе отворено на координации меѓу МВР и Град Скопје и дека се очекуваат конкретни мерки во наредниот период.
– Постојат редовни координации и оваа тема е веќе разгледувана. Во иднина очекувајте конкретни дејства за подобрување на безбедноста – изјави Тошковски.
Тој потенцираше дека покрај институционалните мерки, клучна останува и личната одговорност на граѓаните во почитувањето на сообраќајните правила.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
